Израелската војска доцна синоќа соопшти дека израелските воздухопловни сили во предградие на Бејрут го убиле главниот воен командант на Хезболах и шеф на неговата стратешка единица, Фуад Шукр, познат и како Сајид Мухсан.

Фуад му бил десна рака на генералниот секретар на Хезболах, Хасан Насрала, и негов советник за воени операции, се наведува во соопштението на ИДФ.

– Фуад Шукр ги насочуваше нападите на Хезболах врз Израел од 8 октомври, се додава во соопштението, во кое се вели дека тој е одговорен и за смртта на 12-те деца во неодамнешниот напад на Мајдал Шамс во Голанската висорамнина окупирана од Израел.

Вооружената група Хезболах негираше вмешаност во нападот.

Во меѓувреме, либанското Министерство за здравство соопшти дека, според првичните информации, во израелски напад врз јужните предградија на Бејрут синоќа загинале тројца цивили, една жена и две деца, додека 74 лица биле ранети.

Француските медиуми наведуваат дека нападот бил насочен кон Фуад Шукр, воен лидер на проиранскиот Хезболах и дека извори блиски до оваа група тврдат дека тој го преживеал нападот, но оваа информација не можеше да се потврди од независен извор.

фото:ЕПА