Израелскиот премиер Нафтали Бенет најави дека нема да учествува на денешниот Самит во Глазгов, доколку не се обезбеди соодветен пристап за министерката во неговата Влада која е во инвалидска количка, јави Би-Би-Си.
Израелската министерка за енергетика Карин Елхарар на својот налог на Твитер напиша дека не можела да присуствува на вчерашниот состанок бидејќи немало соодветен пристап за инвалидска количка. Таа напиша дека е тажно што ОН не обезбедува пристап до своите настани.
Бенет информираше дека поднеле официјална жалба до организаторите на настанот.
Британскиот амбасадор во израел Нил Виган на Твитер напиша дека на министерката и се извинува длабоко и искрено.
Сакаме Самит на COP кој е инклузивен и каде сите се добредојдени, напиша тој.
Елхарар за израелскиот Канал 12 изјави дека не може да се качи на теренот на конференцијата затоа што единствените опции биле или да пешачи или да земе шатл што не бил погоден за инвалидска количка.
Нејзината канцеларија за „Тајмс оф Израел“ соопшти дека таа чекала пред објектот на настанот во Глазгов два часа, и на крајот била принудена да се врати во својот хотел во шкотската престолнина Единбург, оддалечен 80 километри.
Џејмс Клеверли, министер за надворешни работи на Обединетото Кралство, рече дека е длабоко разочаран и фрустриран што немало соодветен пристап за г-ѓа Елхарар да може да присуствува на Самитот. Тој соопшти дека за ова е разговарано и оти таа ќе може да присуствува на денешната сесија, пренесува Би-Би-Си.
Официјалната израелска делегација соопшти дека за инцидентот бил информиран и британскиот премиер Борис Џонсон кој ја поканил да присуствува на денешната средба меѓу двајцата премиери.