Израелскиот Врховен суд одлучи дека војската мора да започне со регрутација на ултра-ортодоксни еврејски мажи за служење на воен рок. Оваа одлука може да доведе до распад на владината коалиција на премиерот Бенјамин Нетанјаху, известува Еј-Би-Си њус.

Судот одлучи дека во отсуство на закон што прави разлика помеѓу еврејските семинаристи и другите регрути, системот на задолжителна воена служба на Израел се применува на ултра-ортодоксните исто како и на другите граѓани.

По долготрајни преговори, ултра-ортодоксните мажи беа ослободени од регрутација, која е задолжителна за повеќето еврејски мажи и жени. Овие ослободувања долго време беа извор на гнев меѓу секуларната јавност, поделеност која се прошири за време на осуммесечната војна, бидејќи војската повика десетици илјади војници и вели дека ѝ треба целата човечка сила што може да ја добие.

Судската одлука доаѓа во чувствително време, додека војната во Газа се протега на деветтиот месец и бројот на убиените војници продолжува да расте. Досега, како што пишува Еј-Би-Си, над 600 војници се убиени.

За време на расправата, државните адвокати му рекоа на судот дека присилувањето на ултра-ортодоксните мажи да се регрутираат би го раскинало израелското општество.

Политички моќните ултра-ортодоксни еврејски партии, клучни партнери во владината коалиција на Нетанјаху, се спротивставуваат на каква било промена на тековниот систем за воена регрутација. Ако ослободувањата од воен рок за ултра-ортодоксните се прекинат, тие може да ја напуштат коалицијата, предизвикувајќи распад на владата и доведувајќи до нови избори.

Ултра-ортодоксните мажи посетуваат специјални семинарии кои се фокусираат на религиозни студии, со малку внимание на секуларни теми како математика, англиски или наука. Критичарите велат дека тие не се подготвени да служат во војската или да влезат во секуларната работна сила.

Религиозните жени генерално добиваат целосни ослободувања кои не се толку контроверзни, делумно затоа што од жените не се очекува да служат во борбени единици.

М.П.

ФОТО: Тајмс оф Израел