Израелските одбранбени сили (ИДФ) синоќа соопштија дека започнале нова голема офанзива во Појасот Газа, јави ДПА.

„ИДФ започнаа со спроведување обемни напади и мобилизирање војници за постигнување оперативна контрола во областите на Газа, во текот на изминатиот ден“, соопшти војската во објава на платформата X, додавајќи дека тоа е „ дел од подготовките за проширување на операциите и исполнување на целите на војната – вклучително и ослободување на заложниците и демонтирање на терористичката организација Хамас.“

Израелската влада неодамна објави планови за проширување на своите операции во Појасот Газа, потсети германската агенција.

Израелските медиуми објавија дека офанзивата ќе се спроведе по завршувањето на турнејата на американскиот претседател Доналд Трамп во регионот, доколку дотогаш не се постигне нов договор за Газа.

Трамп вчера го заврши своето неколкудневно патување низ регионот на Заливот, а нов договор сè уште не е на повидок.

Палестинската новинска агенција ВАФА вчера објави дека од четвртокот вечерта најмалку 100 лица биле убиени во северниот дел на Појасот Газа по повеќекратните израелски воздушни напади.

Министерството за здравство на Газа, контролирано од Хамас. Вчера соопшти дека 93 лица се убиени, а повеќе од 200 се повредени.Овие бројки не даваат јасна слика меѓу цивилните и воените жртви, а воедно не можеа ни да добијат независна потврда, потсетува ДПА.

Израелскиот новински сајт Унет, повикувајќи се на безбедносни претставници, соопшти дека засилените напади од последните неколку дена биле дел од подготовките за распоредување дополнителни трупи во Газа.

Израелската влада од почетокот на март ја прекина целата хуманитарна помош за енклавата, а меѓународните организации за помош предупредуваат на катастрофални хуманитарни услови.