Овие редови за лекување на ракот со помош на младо кравјо сирење и ленено масло, како изум на германската биохемичарка Јохана Бадвиг, немаат за цел никому да му дадат лажна надеж, ниту да му препорачаат начин на лекување. Најмалку се совет некој да се откаже од лекувањето со класичната медицина. Тие можат да послужат само како информација, а одлуката за евентуална примена на тоа што е напишано секој може да ја донесе врз база на сопственото информирање, на сопствена одговорност и во консултација со лекар
Дарко ЈАНЕВСКИ
Во првото продолжение накратко опишавме во што се состои алтернативниот метод на германската биохемичарка Јохана Бадвиг за лекување рак. Методот во основа се состои во снабдување на клетките со масни киселини што им недостигаат, а кои се добиваат со микс на младо кравјо сирење и ленено масло. Се разбира, тоа само по себе не е доволно, но за целиот протокол секој ќе мора сам да се едуцира. Во ова второ продолжение пренесуваме дел од стотиците сведоштва на луѓе што имале искуства со ова.
МОЗОЧЕН ТУМОР
Латисија Спенсер е мајка на пет деца. Сопругот ја напуштил кога ѝ бил дијагностициран тумор на мозокот. „Бадвиг центарот“ ѝ обезбедил целосна примена на програмата. На 19 септември 2009 година Латисија им напишала:
„Би сакала да ви се заблагодарам. Загубив 38 кг и се чувствувам одлично. Последното скенирање помина одлично и нема знаци од туморот! Нема знаци од никаков канцер во моето тело. Сега го добивам секој нареден ден, ги сакам животот и моите деца“.
РАК НА ДОЈКА
На Денис Џефери од Австралија ѝ бил дијагностициран рак на дојката, кој подоцна метастазирал на коските. Не примала хемотерапија, а во текот на неколку години борба, имала шест циклуса зрачење. На 4 јануари 2012 година почнала со Бадвиг-програмата и по пет месеци во нејзиното тело немало знаци од рак.
КАНЦЕР НА МОЧНИОТ МЕУР
(анонимно сведоштво)
Ова е дел од писмо испратено до Центарот:
„Еден од нашата група имаше рак на мочниот меур. Докторот кажа дека меурот кристализирал и нема флексибилност. Човекот мораше да оди во тоалет на секои 15 минути. Почна да употребува ленено масло со младо кравјо сирење, но само по една-две супени лажици дневно. По некое време изгледаше дека му е подобро, па престана да ја користи смесата. Како да му здосади. Му рекол на еден пријател дека ќе оди на преглед и ако нема подобрување целосно ќе се откаже од маслото и од сирењето. По прегледот, лекарот му рекол: ’Не можам да разберам, но мочниот меур не е веќе канцероген. Мек е и флексибилен и изгледа дека сѐ се вратило во нормална состојба’“.
РАК НА ГРЛОТО НА МАТКАТА
На Џудит Смит (57) ѝ бил дијагностициран рак на грлото на матката, а докторите рекле дека ќе живее само уште три месеци.
Во август 2010 година Џуди почнала со хемотерапија и радиотерапија, но веќе во октомври едниот бубрег престанал да работи, додека другиот работел половично, но и работата на нејзиниот црн дроб била половична. Телесната тежина ѝ се намалила на 42 килограми, а туморот се префрлил и на нејзиниот десен колк и ги притискал нервите во ногата, поради што постојано паѓала и го загубила осетот на ногата и стапалото. Во ноември истата година имала енормно големо внатрешно крвавење, а кога пристигнала во болница ѝ рекле дека била само на половина час пред смртта. Неколку дена подоцна ја испратиле дома иако не била во состојба да задржува течности и храна во стомакот.
Нејзината сестра, која живеела во Шпанија, имала слушнато за „Бадвиг центарот“, па при посетата на Џуди во ноември почнала да ѝ дава алое вера, што ѝ помогнало во надминување на проблемите со стомакот. Почнала да ги задржува храната и течностите. Почнала со маслото од ленено семе, а како што станувала посилна преминала и на таканаречените брзи програми. Два дена пред Божиќ, Џуди имала специјалистички преглед, на кој докторот што претходно ѝ ја соопштил страшната вест, бил вчудовиден.
РАК НА ДЕБЕЛОТО ЦРЕВО
Ова е посебен случај, каде што една личност има рак на дебелото црево, тумори на црниот дроб и на желудникот, како и миом во абдоминалната празнина.
Д-р Бадвиг напиша: „Оваа пациентка од Шведска дојде во клиниката откако беше прегледана од неколку професори, кои ѝ закажаа операција на Бадник. Се стравуваше дека туморот ќе предизвика целосна блокада на дебелото црево.
По моите совети, во тој период сѐ уште бев активна во клиниката, пациентката требаше да ја применува мојата масло-протеинска диета. Седум недели подоцна беше пуштена без забележлив тумор“.
Интересно е што швајцарските царински службеници не можеле да поверуваат дека тоа бил нејзиниот пасош, бидејќи нејзиниот изглед значително се подобрил.
Пациентката напишала: „Ова е едноставно прекрасно, и инструментот со кој беше спасен мојот живот е д-р Јохана Бадвиг“.
РАК НА ЦРНИОТ ДРОБ
На Дороти Меккорд (33) ѝ бил дијагностициран рак на црниот дроб, потоа рак на јајниците со метастаза и тумор на мозокот. Таа напишала:
„Здраво д-р Џенкинс, сакав само да ве информирам дека направив ултразвук на моите јајници пред некој ден, да видам дали има нешто сменето. Кога го направивме прегледот ми рекоа дека нема цисти на мојот лев јајник, инаку едниот од нив беше со големина на лимон. Моите јајници беа целосно чисти, а направив преглед и на црниот дроб, и повторно добив добри вести.
Не можам да ви кажам колку сум возбудена, речиси сум во шок од добрите вести што ги слушнав оваа недела.
Пред извесен период, секогаш кога ќе појдев на лекар слушав само лоши вести. Јас сум многу среќна и уште поодлучна да останам во програмата колку што е потребно. Најмалку, дури не видам промени со туморот на мозокот.
Не можам да Ви опишам колку сум благодарна за вашата програма и за тоа што секогаш сте тука за мене. Ви благодарам многу. Дороти Меккорд“.