Дали Македонија е држава во која живеат современи робови, луѓе кои во 21. век кога основните човекови слободи и права се загарантирани со сите меѓународни договори и националните законодавства, се врзани со прангите на современите негативни трендови.
Жртви на трговија со луѓе, на принудни бракови, секс робови, економски робови се само дел од појавите кои се вклучени во феноменот современо ропство, а кој според Глобалниот индекс за ропство 2018 година е присутен и во земјава.
Во Македонија во услови на современо ропство живеат околу 18 илјади лица или 8,7 од илјада македонско државјани се современи робови. Ова го покажува неодамна објавениот Глобален индекс за ропство, изработен од ОН и Фондацијата Вок фри (Walk Free).
Оваа бројка е алармантна, велат експертите, особено податокот дека земјата според овој индекс е рангирана на третото место на листата земји од Европа и Централна Азија. Во оваа група пред нас се само Туркменистан и Белорусија, а најдобро рангиран е Луксембург, каде само 1,5 од 1.000 лица се робови.
Која е таа мрачна страна на човекот што секогаш го тера да ги презира, подјармува и понижува другите луѓе во насока на остварување на лична корист, се прашуваат експертите.
Што е современото ропство?
Ропството по дефиниција е краен облик на искористување на луѓето од други луѓе. Робот е правно изедначен со предмет. Ропство има уште во првобитното општество, постои во стариот и средниот век, но и во новиот век, на пример, плантажно ропство во САД.
– Никој нема да биде држен во ропство или во потчинетост: ропството и трговијата со робови ќе бидат забранети во сите нивни облици, се наведува во Универзалната декларација за човековите права, а ширум светот 2 декември се одбележува како Меѓународен ден на укинување на ропството, во знак на потсетување на денот на усвојување на Конвенцијата на ОН за спречување на трговијата со луѓе во 1949 година.
Фондацијата Вок Фри истакнува дека и натаму не постои општоприфатена законска дефиниција за терминот современо ропство, но дека изразот се користи за опис на специфичен сплет околности кои се сметаат за клучни за препознавање на ропството во денешниот свет. Современо ропство се одредува земајќи ги предвид следните критериуми: криумчарење луѓе, присилна работа, ропство дефинирано со меѓународната Конвенција за ропство од 1926 година, должничко ропство, присилен брак и детски труд.
Судијата Лазар Нанев во разговор за МИА појаснува дека македонското кривично законодавство интегрирајќи ги меѓународните норми, што за своја функција ја имаат заштитата на универзалните човекови слободи и права инкорпорира во пет законски инкриминации заштитен механизам на жртвите на современото ропство, во кој како дејствие на извршување или облик се појавува ропството.
Во чл.403-а Злосторство против човечноста, чл.404 Воено злосторство против цивилното население, чл.418 Засновање ропски однос и превоз на лица во ропски однос, чл.418-а Трговија со луѓе и чл.418-г Трговија со дете.
– Поради, специфичноста на заштитниот објект, најтешката повреда на слободата на човековите права, феноменолошките и етиолошките карактеристики на појавата, афирмацијата на супранационалните когентни норми на Меѓународното казнено право, овие кривични дела во нашето законодавство не случајно се поместени во главата на Кривични дела против човечноста и меѓународното право, нагласува Нанев.
Слободата на човекот е дел од универзалната слобода
Слободата на еден човек е нераздвоен дел од универзалната слобода. Не можете да ја загрозите првата, а истовремено да не ја загрозите втората, е позната мисла на француски новинар и политичар Виктор Шелшер.
– Современото ропство е облик на постапување со луѓето како објекти за комерцијални потреби и преставува повреда на основното човеково достоинство и човековите слободи и права, односно се смета за најтешка повреда на слободата на човекот и неговите природни права, што тој ги стекнува со самото раѓање како неприкосновени и неотуѓиви вредности. Денес многу луѓе се измамени преку лажни ветувања за добро образование, подобра работа, а на крај се соочуваат со принудна работа без плата, под закана за насилство и затоа не можат да се оттрнат од таму. Всушност во современото ропство станува збор за трговија, на тој начин што производите што поробените луѓе ги произведуваат, имаат цена, а луѓето, пак, служат за еднократна употреба. Исто така, денес илјадници луѓе се заробени во земјоделството, во рестораните, во домашен притвор и уште на многу други места, спротивно на нивната природна волја, нагласува Нанев.
Во однос на трговијата со луѓе, за која вели дека по својата природа преставува купопродажна трансакција, чија примарна цел е остварување на профит, нагласува дека човекот се деградира на рамништето на трговска стока. Во суштина се работи за дејствија во кои жртвата се доведува во позиција да биде искористена за експлоатација од различен вид како проституција или други форми на сексуална екслоатација, порнографија, принудна работа или слугување, ропство, присилни бракови, присилна фертилизација, незаконито посвојување или нему сличен однос или недопуштено пресадување делови на човековото тело.
Нагласува дека главното прашање што се поставува е која е таа мрачна страна на човекот што секогаш го тера да ги презира, подјармува и понижува другите луѓе.
– Тоа е алчноста како мотив за користење на евтина детска работна сила и за појавата на ропство од долг. Сиромаштијата и недостигот на образование се причина девојките да бидат продавани за проституција и да бидат давани во ропски бракови, вели Нанев.
Резултатите од Извештајот покажуваат дека на светско ниво повеќе од 40 милиони во моментов живеат во некој вид ропство, а најмногу во Азија и Африка. Но луѓе во ропство живеат во делови на светот каде тоа не би се очекувало, како што се САД, каде во услови на ропство живеат околу 400 илјади луѓе.
Жените главна мета на современото ропство
Податоците од Извештајот покажуваат дека 71 процент од современите робови се жени, додека 29 отсто се мажи. Повеќе од 15 милиони луѓе се наоѓаат во принудни бракови, што е облик на ропство.
Елена Димушевска, директорка на Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство во разговор за МИА вели дека оваа невладина досега не направила истражување за формите на современо ропство што ги погодуваат жените и девојчињата, како присилниот брак и малолетничкиот брак на пример, но додава дека нивните кампањи за покревање на јавната свест за постоење на различни форми на родово базирано насилство постојано се споменувани, при тоа ставајќи акцент на непостоењето на механизми за заштита на жртвите.
– Во Македонија покрај тоа што не постојат механизми за заштита, не се превземаат ни активности за превенција и едукација на населението како да го препознае и да се заштити од овие форми на насилство. Последиците за жртвите се огромни. Принудните и малолетничките бракови ги лишуваат младите жени и девојки од нивните основни човекови права, ги уништуваат можностите за образование и економски перспективи на девојките, а преку тоа влијааат и на зголемување на сиромаштијата. Дополнително, девојките жртви на оваа форма на насилство подложени се на емоционален стрес, закани и притисок, трпат психичко и физичко насилство од своите родители, нагласува таа.
Во некои земји девојките се киднапираат од страна на семејството на младоженецот и се држат затворени додека не го прифатат бракот. Истражувањата покажуваат дека само 15 отсто од жртвите на принудни бракови се момчиња, а секој втор принудно склучен брак продолжува со психичко и физичко насилство од партнерот и неговото семејство.
Македонија плодно тло на економски робови
Извештај на Вок фри наведува дека робовскиот труд, исто така, е важна алка во глобалната економија, за што сведочи и податокот дека земјите-членки на Г-20 во една година увезле стока произведена со робовски труд во вредност од 354 милијарди долари. Поразителен е податокот дека лап-топите се на прво место на листата производи настанати благодарејќи на робовски труд. По нив следува облеката, а на трето место се рибите, по што следуваат какао и шеќерна трска, односно шеќер.
Македонија е земја во која работниците работат за плати, кои не им стигнуваат за подмирување на основите животни потреби. Особено е алармантна состојбата во конфекциите низ земјата, каде за плата од околу 12 до 13 илјади денари во субстандардни услови се шијат облеки за странскиот пазар.
Нанев нагласува дека самиот податок дека Вок Фри современото ропство меѓудругото го одредува и врз основа на фактот дека милиони луѓе се присилени да работат без паричен надомест, слобода на движење и основни човекови права, ја прави појавата да биде комплексна и да бара од државата да креира јавни политики за надминување на состојбата.
– Процесот на глобализација, општествените, економските, историските, културните и другите општетсвени вредности и традиции на нашето општество, кое во изминатите години доминира процесот на современа форма на инвестирање преку субвенционирање за сметка на просечна или подпросечна заработувачка, а со цел остварување на „екстра профит“, ја прави Република Македонија да се соочува со нова форма на современо ропство и тоа „експлоатација на работниците“ во модерното општество. Ваквиот пристап на работодавците кои ги експлоатираат своите работници поради „екстра профит“, создаваат слика на современо ропство и со тоа воопшто не се разликуваат од трговците со луѓе, нагласува Нанев.
Жените како почеста мета на современото ропство предничат и во однос на феноменот економски робови, кој не подразбира само работа за ниска плата, туку и економска зависност од партнерот и неможност за излез од состојба, која се оценува како насилна.
Се уште присутното влијанието на патријархалниот систем во земјава, кој проткаен со традиционалните верувања ја вреднува жената како помалку важна од мажот. Улогите и задачите кои треба да ги врши најчесто не носат економска добивка, па со тоа таа станува зависна од партнерот и семејството што пак на нив им дава право да одлучуваат за нејзината иднина и да носат одлуки во нејзино име.
Во ова Димушевска ја гледа причината зошто по правило жените секогаш во поголем број се жртви на некоја од формите на современото ропство.
– Економската зависност ја прави особено ранлива и изложена на различните форми на насилство. И секако кога живеете во општество кое не само што не го препознава, туку и го оправдува при тоа барајќи ја вината во жртвата, не може да не изненади фактот што жените и девојките се најчесто жртви на родово базирано насилство и современи форми на ропство, појаснува таа.
Податоците на Вок фри и фактичката состојба во земјава
Проценките во студијата се темелат на различни официјални статистики на државно и меѓународно ниво, но и на разговори со повеќе од 70.000 луѓе.
Во однос на статистичките податоци за жртвите и сторителите против кои е покрената кривична постапка во периодот од јануари до јуни оваа година не се откриени кривични дела „трговија со луѓе“, додека откриени се три кривични дела „трговија со дете“, за што преземени се мерки на кривичен прогон против пет лица, од кои еден државјанин на Албанија, велат од МВР за МИА.
Жртви на кривичните дела се три деца, при што во првиот случај, детето е принудено на трудова и сексуална експлоатација, во вториот случај, договорен е присилен брак, а во последниот случај детето е принудено да дава сексуални услуги.
Нанев истакнува дека според податоците од Државниот завод за статистика за последните три години во 2015 година 94 лица се пријавени за кривични дела од главата на Кривични дела против човечноста и меѓународното право, десет од нив се осудени. Во 2016 има кривични пријави за 71 лице за дела поврзани со современо ропство, осудени се седуммина.
Во 2017 година, додава Нанев, вкупно според сите групи на кривични дела се пријавени 20.582 полнолетни лица, од кои 27 лица се пријавени за кривични дела поврзани со современото ропство – односно за кривично дело „трговија со луѓе“ – едно лице, додека останатите пријавени се однесуваат за другите кривични дела од истата глава. Осудено за кривично дело „трговија со луѓе“ е едно лице, со изречена казна затвор од шест години.
Нанев вели дека ваквите статистички податоци не ја отсликуваат реалната состојба на појавата, поради недоволни и нецелосно податоци и подведување под останати кривични дела на одредени инкриминации со специфика на појавата.
– Поради тоа, за целосни и точни податоци потребна е сеопфатна анализа преку креирање на соодветни индикатори кои ќе бидат креирани во информационите системи на полицијата, обвинителството и судовите и на тој начин ќе се добијат целосни видливи податоци, погодни за анализа и споредливост на појавата, но истовремено и можност за креирање на јавни политики за превенирање на појавата и соодветна заштита на жртвите. Сметам дека, итно е потребно креирање на вакви индикатори со цел да се покаже реалната слика, нагласува Нанев во разговор за МИА.
Реакција на надлежните
Што се однесува на одговорот на Владата во однос на овој проблем, македонската во Индексот 2018 е оценета со БББ.
– Владата ги спроведува клучните компоненти на сеопфатен одговор на некои форми на модерно ропство, пружа услуги за поддршка на жртвите има силен одговор на правосудните органи, има докази за координација и соработка и заштита за ранливите популации. Владите може да почнат да се справуваат со проблемот на ропството во постапките поврзани со јавни набавки или кај деловни субјекти на нивна територија. Може да постојат докази дека некои владини политики и пракси може да ги криминализираат и/или резултатите при депортација на жртвите, се наведува во појаснувањето за тоа што значи оценката БББ.
Нанев нагласува дека Република Македонија, која е соочена со оваа реалност мора да ги осуди новите форми на современото ропство, да ги повика институциите да се борат против современото зло, но, истовремено и да креира јавни политики за покревање на свеста бидејќи ропството заради својата некоректна природа секогаш „политички се задскрива“.
– Како општество кое сигурно чекори кон ЕУ и НАТО мора да создава нови вредности и да го спречи секое назадување или дерогирање на системот, односно да создаде непробојни заштини механизми, да ги штити жртвите, да укажува на сериозноста, да ги развива и унапредува институциите и мултисекторскиот пристап, да детектира, анализира и санкционира и да ги охрабрува во напорите за потребите на на предокот на општеството, нагласува Димушевска во разговор МИА.
Таа смета дека нестабилноста во државата и постојаната политичка криза во која што се наоѓа се оправдувањата што се пласираат за да се избегне одговорноста и превземањето обврска за справување со проблемот на насилство врз жените и девојчињата, како еден од формите на современо ропство.
– Но, без разлика што и да се случува во државата, заштитата на жртвите на насилство мора секогаш да биде приоритет на оние кои раководат. Жртвите на насилство не можат да чекаат да се реши спорот со името или да се добие препорака за влез во ЕУ. Тие го живеат насилството, страдаат, правото да живеат слободно и да донесат одлуки за својата иднина им се ограничени и тие не можат да чекаат, вели таа.
Додава дека државата многу време и средства губи на развивање на стратегии и разно разни политики и документи, кои на крајот на денот не се ни имплементираат.
– Мојот апел веднаш да се почне со превземање на конкретни чекори за заштита на жртвите и казнување на сторителите. Развивањето на стабилен и одржлив систем за заштита на жените и девојките жртви на насилство мора да биде приоритет, нагласи таа.
Што се однесува до активностите кои ги презема МВР, оттаму нагласуваат дека кон крајот на 2017 година, формирана е Национална единица за борба против криумчарење на мигранти и трговија со луѓе, која е задолжена за откривање и превенција на овој вид на криминал.
Во делот на јакнење на меѓуинституционалната соработка која како форма на делување е потребна за ефективно сузбивање на трговијата со луѓе, формирани се мобилни тимови составени од претставници од МВР, Министерството за труд и социјална политика и претставници од невладини организации или здруженија на граѓани.
Тимовите, додаваат од МВР функционираат во пет градови Скопје, Битола, Гевгелија, Тетово и Куманово, а нивна задача е поефективна идентификација, превенција, прва проценка и заштита на ранливите категории, вклучително и на жртви на трговија со луѓе.
Фондацијата Фри вок со заклучок – шокантно колку современото ропство е распространето во најразвиените држави во светот.
Сепак Европа е издвоена по тоа што во неа современото ропство најмалку се толерира, како и дека властите брзо реагираат на таквите појави и носат соодветни закони за борба против современото ропство, но сепак неговото присуство во 21. век е доказ оти системот и вредноститите се уште се далеку од нивото на кое треба да бидат во насока на заштита на човековото достоинство.
МИА