Возилото кое излета во Вардар во близина с. Рашче е извлечено. Од него се извадени телата на три лица. Потрагата по четвртото лице продолжува, соопшти вечерва ЦУК.

-Од возилото се извадени телата на три лица. Потрагата по можно четврто исчезнато лице продолжува, информира вечерва директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

Тој додаде дека трите безживотни тела кои се извадени од излетаниот автомобил во Вардар кај Рашче, се на женски лица.

-Потрагата по четвртото машко лице кое најверојатно од возилото излетало во водите на Вардар продолжува, додава Ангелов.

По сообраќајната несреќа во која попладнето автомобил излетал од патот кај село Рашче и паднал во Вардар, случајни минувачи донеле четиригодишно дете во ГОБ „Св. Наум Охридски“ кое потоа е пренесено во Клиничкиот центар во Скопје.

– Во 18 часот од ГОБ „Св. Наум Охридски” сме известени дека кај нив од страна на случајни минувачи е донесено четиригодишно дете, кое потоа е пренесено во Клинички центар, информираат за МИА од Министерството за внатрешни работи.

Во СВР Скопје попладнето во 16 часот е пријавено дека на локалниот пат за село Рашче патничко возило излетало од патот и паднало во реката Вардар.