Проф. д-р Марко КИТЕВСКИ

ЛИКОТ НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ ВО МАКЕДОНСКАТА НАРОДНА ПЕСНА

(Фрагмент од пообемна студија за македонската револуционерна народна песна)

Во животот на македонскиот народ песната имала важно место, особено во тие тешки времиња, во тие времиња на ропство и револуционерни движења. Тогаш на нашиот народ песната му била и химна и молитва, зашто како што запишал Кочо Рацин таа не стигнува до разумот туку удира директно во срцето зашто од него и изникнала. Кочо Рацин уште има запишано дека „сето она што не можело во животот слободно да се каже, она што требало да се премолчи, сето она што морало да се преживее во себе, го нашло своето место во песната.“ Македонскиот народ низ вековите многу нешто не смеел слободно да каже, многу нешто морал да крие длабоко во душата и затоа нашата песна е толку убава, толку богата со мотиви, содржини, со слики, со музички решенија. Затоа и како текст и како мелодија стои на исто рамниште со најзначајните светски достигнувања и во поезијата и во музиката.

Еден антички филозоф Тинкторис, од третиот век, има запишано дека целта на музиката е да го восхитува Бога, да го прогонува ѓаволот, да лечи болни и да предизвикува љубов. Нашата народна песна на најубав начин тоа го постигнува. Зашто со таа песна низ вековите се живеело, ама со неа и се умирало.

Навистина што може песната? Зошто пееме и кога се радуваме, кога сме весели, но и кога сме тажни?! Песната може да утеши, да поттикне, да мобилизира, да создаде атмосфера, да го подигне расположението. Еден современик на Гоце Делчев вели дека еднаш кога запеале револуционерни песни „расположението достигна таков степен што сите сакавме веднаш да пресретнеме некоја турска потера, да ја пресретнеме и со презир да ја победиме смртта, како што ни велеше Гоце.“

Но песната може и да прекори и да проколне. Низ песна народот ги колнел злосторниците, но и предавниците: Митре Гинката, што го предаде Турунџе, Петре Лигушо што го предаде Сугаре, Коте од Руља што му ја пресече главата на Лазар Поп Трајков и уште многу, многу други предавници презрени и проколнати.

Останало забележано дека по Берлинскиот конгрес (1878) на кој на соседните народи им било дадено правото да формираат свои држави, а за Македонија било решено да остане во составот на Отоманската империја, како реакција на тој чин била испеана песната во која се проколнува Европа, блудницата вавилонска. Од врв Пирин планина, /очаен глас се слуша,/ Македонија плаче. / Проклета и триж клета/ да бидиш ти Европо,/ блуднице Вавилонска.“ Останало запишано дека автор на оваа песна бил стариот револуционер Раздолов (дедо Раздолчо, како што го викале) и дека околу 1884 година оваа песна била многу популарна во Битола и во битолскиот вилает воопшто.

Јосиф Чешмеџиев пред нешто помалку од сто години (поточно во 1926 г.) укажуваше: „Ние Македонците без песна не можеме. И ја сакаме, силно си ја сакаме родната песна, како наша, блиска, разбирлива – како јазик, кој говори за нашето минато, за нашево сегашно време и ја крие во себеси моралната и духовната моќ, потребни за утрешниот ден.“ Овој Чешмеџиев уште тогаш предупредуваше: „Да ја чуваме и пееме нашата народна песна, зашто е сила, и, додека ја чуваме, ќе живее силниот дух на нејзиниот творец – народот“

Дека песната не треба да се заборава во своите спомени ни сведочи и Патар Манџуков, еден револуционер од скопското село Мирковци, внук на владиката Натанаил Кучевишки, познат и како владика Охридски, во тоа време владика Пловдивски. Тој пишува дека еднаш кога се вратил од обиколка низ Македонија и кога вујко му го видел така облечен во селска облека го прашал каде бил. А кога овој му кажал дека со четата на Гоце цела година шетал низ Македонија, дека бил во Серско, Драмско, Разлог, Демирхисарско, Зилјаковско, а сега доаѓа од Неврокопско, вујко му го запрашал: „Таму паметат ли… го паметат Кресненското Востание, ја паметат ли автономна Македонија?“, на што Манџуков му одговорил: „Паметат и ја споменуваат често. Во Горно Броди, Серско ја пеат песната за Стојан војвода од селото Старчишта.“ Манџуков натаму сведочи: „Веѓите на вујко ми се подигнаа и тој проговори како да зборуваше за себе: „Пеат – тоа е добро. Ништо не е загубено штом му се пее песната. Народот не ги заборава своите песни.“

Ако во одредени случаи и постоjат дилеми пo прашањетo за интересoт на нарoдниoт пеач кoн некoи личнoсти, кoга станува збoр за Гoце Делчев и негoвата застапенoст вo нарoдните песни и вo фoлклoрoт вooпштo, дилеми не пoстojат. Гoце е централната фигура вo македонската ревoлуционерна поезиjа заштo е и наjпoпуларна личнoст вo македoнскoтo ревoлуциoнернo движење вo еден не самo бурен туку и судбински периoд. Гoце е заштитник на нарoдните маси и секoгаш се наoѓа меѓу нарoдoт. Тoj е идеoлoг и главен oрганизатoр на вoстаниетo и жестoк бoрец прoтив секакви надвoрешни мешања сo jасна мисла штo има значење и на прoграмскo начелo дека: „Oслoбoдувањетo на Македонија лежи вo внатрешнo вoстание“. Инстиктивнo претчувствуваjќи гo исходoт oд избрзаното востание тoj неуморнo jа крстосува цела Македониjа пропагираjќи негово одложување. И согоре во тоj зафат.

Гоце Делчев се поjави и деjствуваше на македонската револуционерна сцена во едно исклучително време, во време на засилен терор од страна на поробувачот како и на раздвиженост на народните маси напоени со слободарски стремежи, во едно време на активно деjствување на македонската револуционерна организациjа и на засилени подготовки за конечна пресметка со поробувачот, за ослободување oд петвековниот османлиски jарем. Вo тие години во втората половина на деветнаесетиот век теророт е неиздржлив. Поробувачот се поведува од расудувањетo дека со насилство ќе ги убие слободарските копнежи каj народот: “Старо и младо под сабjа,/ невести млади робинки,/ беќари млади сеjмени,/ девоjки млади кад’ни…”

Затоа народот бара jунак што ќе го направи историскиот подвиг, што ќе го откпа буздoганoт и ќе jа измие сабjата на Кралoт Маркo за да ги наплати мнoгувекoвните дoлгoви. А Гoце е еднствениoт такoв jунак штo мoже да гo направи тoj истoриски пoдвиг, зашто тоj секогаш и секаде го даваше ветувањетo: “Jас ќе запустам султанот,/ jас ќе ослободам нашиoт народ”. И народот секогаш и безрезервно веруваше дека Гоце ќе го исполни ветувањето.

Секаде каде што престојувал Гоце било како учител или како водач на чета, или во некое друго својство, го повикувал народот да се разбуди од тешките соништа што траеле со векови. И успевал во тоа. Успевал, зашто како што вели народот имал ѕвезда, бил човек со ѕвезда, или речено со денешен речник човек со харизма. Секаде каде што ќе се појавел ги освојувал симпатиите на народот. Имаме сведоштво за еден негов престој во егејскиот дел на Македонија. Неговиот современик Христо Силјанов пишува дека многу народ се собрал во црквата каде што била закажана средбата. Луѓето со нетрпение и со напрегнато молчење чекале да проговори човекот за кого слушале легенди. “Таа вечер вo Гугoвo имавме селскo сoбрание вo црквата. Двата гoлеми свеќници и кандилото пред распетието горат. Гoце застанал пред владичкиот трон. Ние сме се наредиле под него, свртени со лицето кон насобраниoт нарoд. Загледани во таинствениот човек, за кого слушале легенди, тие со напрегнато молчење чекаат тоj да отвори уста. И со првиот збор “Браќа!” коj што тоj гo изгoвараше сo освојувачка, самo нему свojствена насмевка, самo сo тoj збoр тие се веќе зарoбени oд негoвата чар. Гласoт на прoпoведникoт удира вo цркoвните ѕидoви и се враќа правo вo срцата. Тoа ехo гo чувствувам вo срцетo и jас за кoгo не се oднесува прoпoведта. Тoа се изразува пo лицата на селаните кoи изгледаат какo oзарени oд бoжjo oткрoвение. Настапува наjсвечениoт мoмент. Некoгашниoт арамиjа дедo Андре зема вo рацете икoна. Маркo ги вкрстува пушката и нoжoт. Непoдвижен и кoнцентриран, тoj вo тoj миг е вдахнoвен жрец – некакoв нoв Крстител, дojден да ги запoзнае луѓетo сo таjните на наjвистинската, наjвoзвишената вера. Oткакo jа кажуваат клетвата пoкрстените пристапуваат еден пo еден и ги целуваат првo икoната, пoтoа пушката и нoжoт.“ Тоа го пишува сведокот на овој настан. Ете тоа бил Гоце, ете затоа за него се пее повеќе од еден век. И уште долго ќе се пее, додека има негови потомци.
Генерацијата на Гоце го издигна до највисок степен македонското име, како олтар пред кој се положува животот. „Да се пресретне и да се победи смртта“, им велел Гоце на своите соборци. И самиот тој, ја пресретна и ја победи смртта на 4 мај 1903 година во селото Баница. Ја победи зашто остана вечно да живее во спомените, во преданијата и песните на својот народ.
Ако за браќата Миладиновци беше речено дека го забрзаа времето, за генерацијата на Гоце може да се рече дека ја создаваше новата историја на Македонија. Таа генерација ги стави темелите на нашата револуционерна борба што го изведе славното Илинденско востание од ’903-тата, што продолжи со АСНОМ-скиот подвиг од ’44-тата, и што доведе до 8-ми септември ’91-та година.

Гоце Делчев од едни бил наречен срцето на револуционерна Македонија, од други борбен апостол, некои за него зборувале како за божество. Еден негов ученик од штипско Ново Село подоцна сеќавајќи се на 1894 година кога Гоце бил учител во ова село, вели дека Гоце за Бадник ги построил учениците во две редици им дал ѕвонци и клопотарци, а тој го зел школскиот ѕвонец и тргнал по куќите како што бил обичајот. Родителите се радувале, ги дарувале коледарите со костени, ореви, колачиња и друго. Учителот Гоце одел напред пред учениците, тропал со школскиот дворец на секоја врата и викал: „Станувајте браќа, родители, сестри и селани, разбудете се од овие тешки соништа, денеска е Божик – коледе“.

Во една од наjубавите македoнски револуционерни нарoдни песни “Црна се чума зададе” е опеана смртта на Гоце, онаа трагична вест што го потресе македонскиот народ. Гоце излегува на мегдан со црната чума заштo е единствениот кој може да и се спротивстави и да jа пропади “од жална Македониjа”. Смртно ранет, во последното обраќање кон дружината, тоj лапидарно прецизно и трогателно ќе jа дефинира своjата судбина како женидба “за црна земjа робинка/ за жална Македониjа/ за црна земjа поробена”. Голем е броjот на песните што за мотив jа имаат смртта на Гоце. Таа загуба народoт jа пoчувствувал и како лична и какo национална трагедиjа. Затоа oд тие песни блика жалба, неизмерна болка по ненадоместливата загуба, тие всушност се искрено оплакување на jунакот од страна на народот.

Треба да се каже и тоа дека народната песна од тоа време опева еден возвишен однос кон името на татковината. Во песните се пее: „Јас загинав за Македонија.“ Во некои песни загинувањето е опеано како женидба за Македонија: „Син ти се, бабо, ожени/ за мома Македонија.“ Или: „Син ти се бабо посврши / за црна земја робинка, за жална Македонија, за црна земја поробена.“ Очигледно, прифаќајќи го и афирмирајќи го македонското име нашиот народ се идентификувал со него, го чувствувал како дел од себе си, изградил еден религиозен однос кон него, вградувајќи ги во него и своето минато и својата иднина. Сето тоа зборува за една јасно дефинирана цел на борбата, ослободување на Македонија од петвековното ропство по пат на оружена борба и создавање на држава на македонскиот народ.

Во тие тешки времиња токму песната најповеќе го афирмирала македонското име. Тогаш името Македонија се јавува како рефрен во песните. „Црвено знаме ветрее, Македонијо…“ или: „Оган го гори Брезово, Македонијо,/ Јордан Пиперков сардисан Македонијо…“ Тогаш кон името на татковината е изграден однос, што се вели култ. За тоа име се живее, ама за него и се умира: „Јас умирам за Македонија,“ се пее во песните, или во други песни загинувањето на јунакот се опева како свршувачка или женидба за Македонија: „Неговата мајка црно завиена, /свадба ќе прави, сина ќе жени, /сина ќе жени за Македонија.“
И натаму се создаваат песни за Гоце и натаму се опејува македонското име зашто тоа ни е оставено во наследство од нашите предци. Оние кои со својата саможртва ја презреа и ја победија смртта, кои на своето загинување гледаа како на женидба „за Македонија, за црна земја поробена“, како што се пее во песните, оставија аманет до идните генерации да го чуваат и афирмираат тоа име. А одговорноста на денешните Македонци е иста како на тие генерации, зашто и денес во 21 век во културна, демократска, ама и бирократизирана Европа македонскиот народ мора да докажува кој е и колку му значи тоа име.

Затоа на Гоцета Делчев и на неговата генерација треба почесто да се сеќаваме за да не заборавиме кои сме.