Петнаесет дена порано зреење на зелката и 150 проценти повисока цена, 80 тони морков на хектар, 40 – 50 отсто повеќе жито од вообичаените приноси. Ова се само некои од директните придобивки од користењето органско ѓубре во земјоделството.

Од трева до повеќегодишни растенија, ефектот од биохумусот се гледа најдоцна по 20-на дена во бојата на листовите, лисната маса, квантитетот на родот, издржливоста при транспортот, подолгото стоење, пораното стасување…

Индиректниот и многу важен бенефит е заштитата на природата, на животната средина.

Поразговаравме со семејството Вуксановиќ, чија фарма на калифорниски црви денес брои 100 легла и годишно произведува до 20 тони течен биохумус, во скопско Батинци. Фармата има две цели: примарна – производство на цврсто ѓубре од калифорниски црви т.н. биохумус, регистрирано како фертилизатор и подобрувач на почвата, и секундарна – продавање калифорниски црви за што е потребно во Македонија да има многу фарми кои би ги барале и од тоа би имало некаков ќар.

Како што вели Владимир Вуксановиќ, само тие во Македонија се регистрирани за извоз на органско ѓубре од калифорниски цркви. Досега главно продавале во Турција и Албанија, но веќе ги пласирале и првите количини во Данска.

Од „Направи сам“ до семеен бизнис

Се почнало во осумдесетите години (’84 – ’85) од таткото Слободан, од неговата иновативна „жичка“, желбата за читање и правење нешто ново, а „главен виновник“ бил напис во тогашното списание „Направи сам“.

– Растен во прирорда, кај Херцег Нови, татко ми Слободан всушност барал начин како да се оддалечи од станот во центарот на Скопје каде што живеевме во тој период. Налетал на некој напис за калифорниски црви во „Направи сам“. По мала пресметка, што се треба да се вложи, колкав би бил ангажманот, придобивките, земајќи го предвид и престојот во природа – почнал со работа. Со тек на време, успеа да направи мал бренд и да го продава цврстото ѓубре во кеси од три литри по земјоделски аптеки, раскажува Владимир.

И тогаш имало по некој што се занимава со калифорниски црви, но не за од тоа да направи бизнис. Но, идејата на Слободан била токму тоа. Почнал најпрво во Трубарово, со ортаци, зашто свое земјиште со потребните услови (струја, вода) немал, па продолжил во Радишани. И се така, со пријатели, до 1994 – 1995 година. По сите убедувања дома, зашто веќе ги размножил црвите на 150, 160, 200 легла, конечно отишол на семејниот плац во Батинци каде сега се наоѓа регистрираниот објект.

– Како сега се сеќавам, имаше 200 легла, а фактички вторпат почна од почеток, со едно легло метро и пол на два. Останатите „отидоа“ за два месеца поради несоработка или немарност на партнерите. Во меѓувреме, се обиде да го канализира сето тоа преку дистрибуциска мрежа што „на мало“, по цвеќари, многу функционираше.

Произведеното органско ѓубре од калифорниски црви најпрво се викало „биохумус“, а потоа е ребрендирано. Како што растел бизнисот, се зголемувала и потребата од кооперанти.

Биохумусот – јогурт за дигестивниот тракт на растението

Колку ќе трае процесот на производство, зависи од бројот на црви што се користи. Може да биде една година или да се скрати на пример на 20 дена. Вуксановиќ ја користат технологијата од година дена. Во два метра квадратни ставаат 30.000 полно зрели црви, 30.000 млади и 30.000 јајца. Црвите го јадат, односно преживуваат ѓубрето или, практично, го „преработуваат“ и потоа го исфрлаат.

– Најпрво правиме леи, долги осум метри, широки 1,5 метар и високи околу 40 сантиметри, со бетонска подлога и даски на страните. Во нив се става шталско ѓубре (кравјо, овчо, коњско, но не од свиња или кокошка), кое е основна храна за црвите, а потоа и едно легло црви. За 20 – 30 дена црвите ја преработуваат првично ставената храна (шталското ѓубре). Потоа се додава уште еден слој ѓубре за да продолжат да јадат, да има што да јадат. Фактички, постојано додаваме храна, освен во зима кога хибернираат, објаснува Владмир.

Црвите, вели, постојано бараат храна. Ако не им се стави, бегаат.

Од шталското ѓубре по една година се добива биохумус кој треба да се стави покрај коренот на растенијата за да има конкретен бенефит.

– Биохумусот е микробиолошко ѓубриво, вид јогурт за дигестивниот тракт на растението. Како што вели основачот на најдобрата британска асоцијација за органско ѓубре, земјата е стомакот за растенијата – каков ќе биде стомакот, односно каква ќе биде микробиологијата на почвата, такво ќе биде растението.

За уште поголема корист и што поуспешна апсорпција во почвата, Вуксановиќ почнале со производство на биохумусот како течност, без притоа да се наруши квалитетот.

– Потребни ни беа пет – шест години да стигнеме до моментот кога сме сигурни во квалитетот на течниот биохумус, до воспоставување добар систем. Но, успеавме, најдовме соодветен технолошки процес. Денес имаме ѓубриво кое на пазарот се покажува како многу ефикасно. Освен тоа, иако гаранцијата му е 12 месеци, добро е и по третата година, потенцира Владимир.

Со добра пракса против конвенционалните ѓубрива

Цврстото ѓубре сега е основа за производство на течното кон кое пазарот е всушност многу повеќе приентиран.

Вуксановиќ годишно произведуваат десет до 20 тони течен биохумус. Реализирале и извоз, во Турција и Албанија, а веќе се извезени и првите количини во Данска. Преку нив во Албанија одел и првиот официјален извоз на калифорниски црви од Македонија.

Контролите се многу скапи, до 100.000 евра.

– Ние не го криеме бизнисот за одгледување калифорниски црви, напротив, сакаме да го дадеме зашто, перспективно, ќе ни треба повеќе цврсто ѓубре за да правиме течно, објаснува нашиот соговорник и додава дека легла на калифорниски црви веќе дале на неколку производители, во Скопско, Ранковце, Беровско,…

Во Агенцијата за храна и ветеринарство која го издава потребниот сертификат, регистрирани за извоз на органско ѓубре од калифорниски цркви се само Вуксановиќ. Има уште една фирма, но нејзиното ѓубре е од кокошки, вели Владимир.

Интересно е тоа што двапати аплицирале за средства во Фондот за иновации, но биле одбиени. Еднаш поради наводно несериозен бизнис план, а потоа повторно не добиле иако проектот го изготвувале со консултантска куќа и швајцарска поддршка.

Имало обиди, раскажува Владимир, други наводни производители да им ја „украдат“ техноглоијата, но безуспешно. Дури, тој производител продал ѓубриво, презентирајќи го како она на Вуксановиќ, што подоцна се покажало дека не е вистина.

– Стравуваме да соработуваме со големите стопанства зашто нема да ни платат, а земјоделците плаќаат веднаш. Инаку, цената е конкурентна. Десет литри „оргалајф“ во малопродажба чини 1.600 денари или 160 денари литар, додека „биофлор“ е 120 денари литар. Разликата во процесот на производство е многу мала,  нашата тенденција е да ги унифицираме во еден бренд. Ѓубрето се продава по карго или се доставува на самото место ако е во Скопско, вели Вуксановиќ.

Од конкуренција не се плашат, дури сакаат да ја има што повеќе. Добрата пракса, нагласува Владимир, им овозможила да се борат со конвенционалните ѓубрива. Во земјоделството, според него, веќе не мора да се користи хемија.

МИА