Ќе очекувате стогодишник да ги поминува деновите тивко, но Ман Каур имала поинакви планови.

Подобро ѝ било да фрла копје или ѓуле, да тренира и да победува, отколку да седи пред телевизор.

Дали некогаш сте слушнале за „Чудото од Чандигар“? Ако не, прочитајте ги следните редови.

Ман Каур е родена на 1 март 1916 година. Таа водеше тивок, обичен живот, а потоа се се промени кога го прослави својот 93-ти роденден.

На убедување на нејзиниот син Гурдев Синг, кој учествувал на меѓународни трки, таа започнала да тренира. Таа претходно посетила лекар и добила дозвола да биде физички активна во подоцнежните години.

Редовно вежбала, менувајќи го режимот на работа од ден на ден, под будното око на Гурдев.

„Некои денови трча, а на други вежба копје и фрлање ѓуле. Одиме и во теретана, каде што тренира со тегови“, открил нејзиниот син.

Во времето кога Ман почнала да тренира, Гурдев имал 79 години, а заедно учествувале на десетици атлетски средби ширум светот.

Таа го освоила еден од првите медали во родниот град, а славата ја стекнала по Светското Мастерс првенство во Нов Зеланд во 2017 година, каде победи на трката на 100 метри.

Таа го истрча делот за нешто повеќе од една минута, што е неверојатно достигнување. Дали спомнавме дека во тоа време имала 101 година!

Така стана најстарата и најбрзата (стогодишна) спортистка, а беше номинирана и за престижната награда „Лауреус“, во категоријата Најдобар спортски момент на годината.

Во својата кариера освоила 31 златен медал на меѓународни натпревари (за ветерани). Треба да се спомене и Светскиот шампионат на Мастерс во Полска, во 2019 година, каде таа ги освои најдобрите почести во четири дисциплини – фрлање ѓуле, фрлање копје, трки на 60 и 200 метри.

„Вежбањето и учеството на натпревари ме прават среќна“, изјавила таа во едно од интервјуата.

Новинарите се интересираа како ја одржува физичката кондиција и како поднесува напор во подоцнежните години.

„Редовно вежбајте и хранете се здраво. Избегнувајте брза храна. Бидете вистински пријател и дружете се со добри луѓе“, одговорила таа.

Ман Каур била вегетаријанец, пиела кефир и јадела житарки секое утро. Редовно трчала, а особено работела на зајакнување на горниот дел од телото.

Нејзините успеси не останаа незабележани во Индија, па на почетокот на 2020 година ѝ била врачена престижната награда Нари Шакти Пураскар.

Признанието го доделува Владата на Индија на поединци или институции кои се борат за зајакнување на жените.

По некое време таа починала од здравствени компликации. Доживеала 105 години, а зад себе оставила два сина и ќерка.

Нејзината неверојатна приказна служи како инспирација и доказ дека „годините се само бројка“, односно дека ниту една цел не е недостижна ако се вложи доволно труд.