Елка ЈАЧЕВА УЛЧАР
Го гледам Шоуто на Богдан со колешката Катерина Тодорoска во која се зборува за животните патишта на Емануел Чучков и на Кирил Петрушев, чии потомци ги знам, а со дел од нив во младоста и другарував без никогаш да ги спомнат животните страдалнички врвици на своите дедовци, кога одеднаш мислата ми се разбива и се разлетува на зборот КОДОШ. Кате вели: „Не знам кој збор да го употребам, барам некој поблаг…“ Богдан ја охрабрува: „Тој е зборот – КОДОШ, токму кодош…“ „КОДОШИТЕ“ – вели Кате, „најчесто биле „пријатели“ на кодошените, наклеветените…“
И оттука натаму престанувам да го следам шоуто и почнува да ми се расплетува филмот за КОДОШОТ на татко ми (документиран), за КОДОШИТЕ мои (посредно документирани со пораки, лаги, измислици тајно и јавно изречени…)…
Кодошот на татко ми бил платен од државата, моиве се самоангажирани за постигнување повисока позиција во општествената хиерархија… и ова е единствената разлика!
Во сЕ друго КОДОШИТЕ постапуваат исто: ти се вовлекуваат дома, ти седат на софра, ти се прават големи пријатели, а потоа почнуваат да сеат лаги, глупости… Кодошот на татко ми, избран од редот на уметниците од Егејска Македонија, им се вовлекувал во малото станче од 40-ина квадрати (во кој сме живееле: баба ми, дедо ми, прабаба ми и ние четворицата) за да запише: „ Многу е бунтовен… ако се изнервира може да биде опасен по системот… На прашањето зошто поезијата му е толку црна – ми одговри: – Зашто и душата ми e црна…“ Со вакви небулозни записи Кодошот на татко ми си го оправдувал дебелиот хонорар кој во тоа време нему, како на никој друг од бегалците од Егејска Македонија, – му носел комфорен и луксузен живот… Татко ми, наивецот Ичо знаеше да каже за својот КОДОШ без да знае дека му е кодош: – Многу работи. Знае и многу јазици… од преводи живее луксузно…
Моите кодоши, речиси, без исклучок ми беа „врли“ пријатели. Ми влегуваа дома… Ми водеа километарски разговори на разни теми… Наивецот во мене (наследство од татко ми) искрено и чесно си ја раскажуваше својата приказна, своите намери и болки од претрпени неправди. Моите кодоши ме поттикнуваа на извесни приказни како, божем, многу заинтерсирани и со пријателска поддршка… моите кодоши потоа ги расејувале кај шефови, директори, политичари и други партиски и непартиски високи глави… приложувале ФБ-статуси кои не биле напишани за нив, а во кои, кутрите, се препознавале самите… Речиси сите до еден, без исклучок, се наградени со високи места во општествената хиерархија (професионална и политичка). Меѓу наклеветените не сум сама. Го знам тоа со сигурност!
Јас и натаму одам со крената глава и мирно спијам оти никому никогаш не сум му била КОДОШ! А толку непријатни работи знам за сите нив, без исклучок, ама решавам да молчам. Едно, – што не ми се валка во исто КОДОШКО БЛАТО со нив, а другото се состои во тоа што:
СУМ во очекување на КОСМИЧКАТА правда!
Онаа ежедневната одамна не живее во Македонија!!!