Ако тоа не се случи, како што изјави претседателскиот кандидат на ГРОМ, ќе бара друга алтернатива бидејќи државата нема време за губење, а ЕУ повеќе нема да биде приоритет

Кандидатот за шеф на државата од коалиција „Храбро за Македонија“ предводена од ГРОМ, Стевчо Јакимовски, од позиција на претседател би ѝ дал рок на Европската Унија (ЕУ) за прием на земјава до 2030 година. Ако тоа не се случи, како што изјави во своето денешно гостување на радио Лидер, ќе бара друга алтернатива бидејќи државата нема време за губење, а ЕУ повеќе нема да биде приоритет.

„Ние треба да им кажеме – подготвени сме да чекаме до 2030 година за влез во Европската Унија. Ако не влеземе до 2030 година, вие нема да бидете наш приоритет. Ние ќе тераме, и од тој пат нема да се откажуваме, но мораме да си бараме пат за развој на државата“, вели Јакимовски во емисијата „Еспресо со Златев и Боцевски“ на радио Лидер.

Според него, земјава мора да има алтернатива.

„Зошто говориме за алтернативи? Ние не велиме ‘ќе го напуштиме ова и ќе одиме во БРИКС’. Ќе ги отвориме вратите за инвестирање во оваа држава“, додава кандидатот за шеф на државата на коалицијата „Храбро за Македонија“.