„Откако одлучив да се кандидирам на 16 февруари 2013 година, па се до денес ми се закануваат дека ќе лежам во затвор и постојано се обидуваат да ја исполнат целта“ кажа градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, по одложеното рочиште за судскиот процес каде е обвинет за злоупотреба на службената должност од претходниот негов мандат, кое се одложи поради контакт на неговиот адвокат Виктор Цветковски со лица заразени од Ковид-19.
Јакимовски како смешни ги оцени прашањата на новинарите дали случајот намерно се одолговлекува и дали ќе може да ја извршува фунцијата градоначлник и покрај судењето..
-Смешно ви е прашањето, секогаш сме се јавувале на сите рочишта и секогаш сме биле присутни, и на сите рочишта ќе присуствуваме.
Јакимовски смета дека се водат заговори против него, бидејќи некој не можел да се помири со неговата победа на локалните избори, а во тој контекст го стави и интересот на медиумите за денешното рочиште…
-Прво е срамота ова што го гледам пред мене, очигледно оркестрирано од еден центар сте дошле сите како медиуми, јас ги почитувам медиумите, меѓутоа јас сум по овие врати повеќе од две години, а медиум досега не видов.
-Чесно сме работеле и јас и моите вработени, чисти сме како солза и тоа и ќе го докажеме, изјави Јакимовски.
На Јакимовски му се суди за кривично дело од времето на претходниот градоначалнички мандат за наводна незаконска легализација на објекти, меѓу кои и за просторот кај поранешниот ресторан „Имес“ и градењето на административната зграда на Општина Карпош. Јакимовски пред две години беше обвинет заедно со уште десетмина, но поголем дел од нив признаа вина и добија условни казни од една година затвор доколку во наредните две години сторат ново кривично дело.