„Секоја година крај на октомври Владата усвојува енергетски биланс на државата. Енергетскиот биланс е со сила на закон, како уредба. Значи него го подготвува органи, институции кои се задолжени за производство, дистрибуција, и продажба на енергија во соработка со министерството за економија. И тој енергетски биланс го презентира министерот за економија на седница на Влада. Владата го усвојува. Точно таму стои од колку производство ние ќе имаме, колку термоцентралите, колку хидроцентралите, колку се очекува да се купи, тоа се проекции врз основа најголеми потрошувачи да речеме се домаќинствата, па индустријата итн. Врз основа на тоа се знае дали очекуваш драстично зголемување на потрошувачката или не очекуваш зголемување на потрошувачката. Има трендови кои што плус минус се малку, не се промашува многу. Е, сега што клучот? Ако во тој енергетски биланс РЕК Битола, директорот на ЕЛЕМ, и министерот за економија не го предвиделе ова што сега се случува, тие треба дебело да лежат затвор“, истакна Стевче Јакимовски, градоначалник на општина Карпош и претседател на политичката партија ГРОМ при своето гостување во емисијата „Што не е јасно“ на Алфа телевизија.
Јакимовски додаде дека ако пак РЕК Битола, директорот на ЕЛЕМ, и министерот за економија предвиделе ова што се случува сега и ја алармирале владата, а владата не презела соодветни чекори тогаш владата и премиерот треба да одговараат за ситуацијата со енергетиката.
„Ова е исто како да сте ставиле динамит на двата блока во РЕК Битола и да ги дигнете во воздух, како да е саботажа. Со ова не треба да се игра. Ако, вие немате енергија, немате жито, тогаш вие немате држава. Ако немате енергија не може да се развивате“, нагласи Јакимовски.