Владата, според најавите, денеска на седница треба да прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор за да се вбризгаат  буџетски средства директно во енергетските компании.

Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека ќе и се предложи  на Владата да прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор, како и дека има средства за да се интервенира, а во зависност од тоа колкави се потребите на енергетските компании, толку средства ќе бидат пренасочени директно од Буџетот.

– Моментално не се предвидени рестриктивни мерки, но ќе се прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор со единствена цел да може да се вбризгаат буџетски средства директно во енергетските компании во земјата, вклучувајќи ги и ЕСМ и МЕПСО за да се зголеми нивната ликвидност, за да може да се интервенира  во увозот на струја,  изјави неодамна Бектеши.

Во Буџетот, како што кажа, моментно има 100 милиони евра на располагање кои не се искористени од фондот за справување со ковид пандемијата.

Владата на 30 октомври донесе Уредба за прогласување кризна состојба при недостиг на електрична енергија, а како што објаснија тогаш од Министерството за економија таа е донесена со цел нејзино усогласување со одредбите на Законот за енергетика. – Претходната Уредба беше донесена во 2012 година и во неа не беа усогласени новите одредби за пазарите на електрична енергија. Континуирано ја следиме состојбата во електроенергетскиот сектор, во моментов има доволно количество на електрична енергија, до крајот на годината нема да има зголемување на цената на струјата за домаќинствата, потенцираа од Министерството за економија.

Во опфатот на оваа Уредба, како што информираа од ресорното Министерство, се определени и правата и обврските на учесниците на пазарот во услови на кризна состојба и се вклучени сите учесници на пазарот, а не како претходно само државните енергетски компании.

Прогласување кризна состојба во енергетскиот сектор неодамна побара и бизнис заедницата.

Владата ќе ја одржи 118-тата седница

Владата денеска на пладне ќе ја одржи 118-тата редовна седница на чиј дневен ред се повеќе предлог-закони за изменување и дополнување, меѓу кои на Законот за заштита на децата, за социјална заштита и за основното образование.

На седницата, како што информираат од владината прес-служба, се и одделни извештаи за работењето на повеќе јавни претпријатија и трговски друштва во државна сопственост, согласно обврските за редовно доставување до Владата, согласно политиките за отчетност и транспарентност во работењето.

За заклучоците и одлуките од денешната редовна Владина седница јавноста ќе биде информирана со соопштение, веднаш по нејзиното завршување.