Нечовечки е четири пати ме носат во Шутка, реле поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој беше прогласен за виновен во случајот „27 април“ и осуден на затворска казна од 6 години и три месеци.
Тој пред судот објасни како изгледа пред неговата зграда каде што е во куќен притвор. Зборувајќи за барањето на обвинителството мерката куќен притвор да му се замени со ефективен притвор, Јанакиески рече дека пред зградата го чуваат 8 полициски службеници, а околу зградата кружат по две службени возила.
-Секое возило што излегува, се претресува. По бегството на Сашо Мијалков секој што влегува во мојата зграда се проверува. Сега е жешко и полицијаците седат во ходникот. Мислам дека е нечовечки да бидам носен пак во Шутка. Три години ме шетате Шутка – дома, Шутка – дома. Ова е играње со човечки судбини. Згора треба да се спремам и за дригите случаи во кои сум обвинет, а престојот во Шутка го ограничува моето право на одбрана, рече Јанакиески.