Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев, откри дека директорот на геријатриската болница „13 ноември“ примил поткуп од 20.000 евра. За тие пари, требало да сместат болно и неподвижно лице.
„Девастираниот систем мора да го вратиме и ќе го вратиме во функција. За жал, кога сѐ уште владее национална тага, некои поединци се осмелуваат нелегално да профитираат. Во координирана акција со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, приведени се две лица, меѓу кои и директор на здравствена установа, поради сомнение за примање поткуп во износ од 20.000 евра. Директорот, заедно со посредник, барале и примиле поткуп за сместување болно и неподвижно лице во геријатриска установа“, вели Јанев.
Тој додава: Продолжуваме посветено да делуваме во насока на расчистување на корупцијата и организираниот криминал, придонесуваме за обезбедување на правдата, правични и транспарентни институции. Не дозволуваме и нема да дозволиме ваквите случаи да останат неказнети“.