Европската перспектива на Македонија и Албанија не е предмет на спор и Бугарија секогаш ги поддржува, вели бугарскиот премиер Стфан Јанев во ексклузивно интревју за МИА, посочувајќи дека позицијата на Софија во однос на европската интеграција на земјава е јасна и таа е потврдена од бугарскиот Парламент од есента 2019 година.
– Тоа што е создадено како односи меѓу РС Македонија и Бугарија во моментов е наследство од најмалку четири-пет години наназад. Знаете дека во 2017 година беше потпишан Договорот за добрососедство, кој би требало да биде оној инструмент кој ќе ја овозможи брзата европска интергација на Македонија.За жал, јас не ја обвинувам едната страна, и двете страни имаат вина што тој Договор, колку и добронамено да е напишан, не ја претпостави неопходноста од некаков јасен механизам за оценување на напредокот во однос на проблемите што би требало да ги реши тој Договор, вели Јанев.
Тој нагласува дека се радува што денеска ќе биде домаќин на премиерот Зоран Заев и ќе можат да се видат, како што вели, „како пријатели, како соседи и како браќа“ и да седнат и разговараат за нешта што зависат од нив.
– Ние треба да седнеме да маса и да се разбереме. Нам ни треба дијалог, нам ни треба разбирање за нашите односи и за тоа што сакаме да постигнеме во интерес на нашите граѓани, за да ги најдеме нашите заеднички интереси, каде е пресечната точка на тие заеднички интереси. И врз основа на заедничките интереси да градиме заедничка иднина, додава Јанев.
Тој нагласува дека одговорност на владите на двете земји е да седнат и прагматично да работат на варијанти како може да се излезе од сегашната ситуација.
– Имаме предлози, претпоставувам дека и македонската страна ќе донесе свои предлози, ќе седнеме да разговараме. Во блиска иднина, да сме живи и здрави, изборите се во јули месец, кон крајот на јули – август ќе имаме Парламент, и ако сме направиле нешто за време на службената Влада, Парламентот ќе каже да или не и да одиме напред, истакнува Јанев.
Бугарскиот премиер во интервјуто говори и за работата на Мешовитата комисија за историски прашања, за бенефитите од Коридорот 8, за американскиот поглед кон состојбите на Балканот и извршната наредба на претседателот на САД, Џо Бајден, како и за состојбите во Бугарија, пред се од аспект на борбата против корупцијата, издавањето бугарски државјанства и последиците од Законот Магнитски.
Гoсподине Јанев ви благодарам за првото интервју за македонската публика за МИА. Вчера мислам дека се наврши еден месец од како е техничката Влада, како би ја дефинирале Бугарија денес во една реченица?
Малку повеќе од еден месец, службената Влада беше назначена на 12 мај од претседателот Радев, и во рамките на тој месец поаѓајќи од презумпцијата дека во демократските традиции на една Влада и се даваат 100 дена, но поради фактот што службената Влада работи околку 100 дена во целина, решивме да дадеме еден брифинг на кој ќе посочиме на основните карактеристики на тоа, да кажам, што го затекнавме како наследство и основните работи за кои ќе се обидеме да работиме во следните денови и месеци до крајот на мандатот на службената Влада. Се разбира, тоа што го затекнавме, имаме серија забелешки кон тоа што го затекнавме.
Ние тука на Балканот, знаете, никогаш не сме задоволни од нашите влади. Нашите народи имаат барања и постојано ги критикуваат владите. Во исто време, не можам да кажам дали е исто во Македонија, но во Бугарија луѓето сакаат да критикуваат, но во исто време забораваат дека имаат одговорност кога гласаат, одговорност во однос на партиите. Тие не требаа да чекаат партиите да им кажат какви програми имаат, туку да настојуваат партии и соодветно институциите да работат во интерес на луѓето.
Од таа гледна точка, забелешките ни се кон институциите. Тоа што го затекнавме е дека тие не работат наменски, да кажам, со визија и добар хоризонт, кон општествениот интерес, интересот на луѓето, туку пред се одлуките се носат од еден тесен круг на луѓе со нејасна отчетност, со нејасен квалитет на решенијата. Многу често некои од решенијата изгледаат како да се направени за Пи-Ар, отколку за решавање на проблемот што требало да се реши и од таа гледна точка сме критични кон тоа што го затекнавме.
Во исто време, се обидуваме да ги поставиме основите на тоа што претстои во иднина. Имено, неизбежна задача на оваа Влада е да ги подготви изборите на 11 јули, кон што работиме целосно посветни и втората наша задача, како што амбициозното однесување во моментот покажува, ние се обидуваме да покажеме друг начин на водење политика, за раководење со институциите кои ќе работат во интерес на луѓето и за поставување на тој тип политички одговори, кои ќе им напоменат на луѓето дека и тие имаат одговорност и дека освен што ќе треба да гласаат, ќе треба да бидат критични, но конструктивно критични кон институциите.
Најлесно е да се критикува…
Да, сите сакаме да критикуваме.
Апсолутно. Најтешко е до решенијата, меѓутоа мал простор имате за спроведување на програми. Ветувањата се едно, но со што се соочивте, рековте, наследството што го добивте од претходната Влада?
Наследството е токму она што го спомнав. Наследството е таков тип на управување, кое не било транспарентно и јасно за луѓето. Наједноставно кажано, со каков аспект се носени владини решенија и тој аспект дали со тие владини решенија навистина се решавале проблеми или пред се се поставувал привид, една јавна комуникација дека проблемот е решен сега и веднаш, но веројатно утре или следниот ден тој проблем стои и тежи со истата сила. И всушност да, хоризонтот ни е многу мал, но си даваме задача да му го покажеме на општеството тоа што се обидуваме да го кажеме дека ако се насочиме кон креирање на политика свртена кон луѓето, ќе го означиме почетокот на таквиот тип на однесување на оние бугарски партии кои претендираат да влезат во Парламентот и да ја формираат новата Влада на државата по следните парламентарни избори.
Наследени состојби, меѓутоа Вашиот претходник Борисов деновиве изјави дека всушност Вие сте растуриле се што тие направиле за овие години, дека, и во релациите со Македонија, многу повеќе сте растурале, отколку што правите за иднината.
Тоа веројатно е нормален политички говор – тие што биле претходно ги критикуваат оние што ги наследуваат, а оние што наследиле ги критикуваат претходните. Но, ако направиме една споредба со времето, ние сме правеле нешто еден месец или 35 дена. Тие 35 дена се неспоредливи со оние 12 години колку што владееше Борисов. Очигледно не можеме да се бориме или драстично и драматично да промениме за 30 дена нешто што се градело 12 години.
Имавте средба со албанскиот премиер Еди Рама, следи средбата со премиерот Заев – која е пораката, што им порачувате на партнерите во овие констелации?
Се радувам што премиерот Заев ќе биде наш гостин во Софија, заедно со негова делегација, и ќе можеме да се видиме еден со друг, како пријатели, како соседи и како браќа и да седнеме и да разговараме за нештата што зависат од нас. Во пракса, тоа што е создадено како односи меѓу РС Македонија и Бугарија во моментов е наследство од најмалку четири-пет години наназад. Знаете дека во 2017 година беше потпишан Договорот за добрососедство, кој би требало да биде оној инструмент кој ќе ја овозможи брзата европска интергација на Македонија.
За жал, јас не ја обвинувам едната страна, и двете страни имаат вина што тој Договор, колку и добронамено да е напишан, не ја претпостави неопходноста од некаков јасен механизам за оценување на напредокот во однос на проблемите што би требало да ги реши тој Договор. Така, во моментов ние сме во ситуација да бараме решение во еден момент во кој од една страна се создава впечаток дека тука Македонија е жртва на бугарската упорност, на бугарската позиција, која во исто време веројатно не била доволно добро објаснета, како, веројатно, на македонското општество, така и на општествата на народите во Западна Европа, односно Европската Унија.
Во моментов ние сме во оваа ситуација – бугарската позиција е јасна. Таа е потврдена од бугарскиот Парламент со т.н. Рамковна позиција од есента 2019 година. Бугарската Влада на крајот на 2020 година и дала конкретни предлози до македонската Влада каков би можел да биде потенцијалниот пат за излез од ситауцијата. Истовремено со тоа, за овој еден месец како што гледам јас од средбите со многу претставници, амбасадори на земјите од Европската Унија – неколку пати веќе разговарав со господинот Заев по телефон, на претстојните разговори ќе имаме можност детално да се осврнеме на сите тие прашања и потенцијалното решавање во иднина на тие прашања што стојат меѓу нас – но, во однос на Европската Унија, од нејзините претставници и амбасадорите на земјите челнки на ЕУ, всушност јас сфатив дека бугарската позиција не била доволно добро објаснета. Тоа дека таа позиција не е добро објаснета пред партнерите во Европската Унија, укажува тоа што тие ја нагласуваат неопходноста да ни напоменат колку важно и колку е неопходно да се спојат Македонија и Албанија во европската перспектива. А тоа е политика која Бугарија со години упорно ја спрведува и ја поддржува.
Европската перспектива на С. Македонија и Албанија не е предмет на спор. Тоа е факт. Бугарија секогаш ги поддржува. Сепак, каква е ситуацијата во моментов? Како резултат на тој дипломатски, не би го нарекол притисок, но тоа напомнување дека треба да брзаме и да дејствуваме, бугарското општество го сфаќа како притисок. Бугарското општество не толерира таков притисок, затоа што ние зборуваме за вредности, а тоа многу добро треба да го разбере и македонското општество, затоа што вие сте на пат кон едно општество со заеднички вредности – Европската Унија е општество со заеднички вредности. Секој еден народ е дел од големото европско семејство. Чувството на бугарскиот народ дека е под притисок од други политички влијанија, од други влади, не е добро, затоа што се нарушува принципот на солидарност во сите европски општества. Ние сме дел од сите европски граѓани.
Да, меѓутоа, да речеме на последниот Самит на НАТО во Брисел, пораките од американскиот претседател Бајден на таа седница со ЕУ беа дека во НАТО, таму ние сме партнери – и Бугарија и С. Македонија, значи ако тргнеме од принципот сите за еден – еден за сите, ние мора да се поддржуваме. И она што го рече Бајден дека мораме да се научиме да го исфрлиме од игра евтиниот популизам, кој го има и во Америка, го има и на Балканот, го има и во Европа и мора да се оттргнеме од тој пристап, сето ова во контекст на спремноста на македонскиот граѓанин, на бугарскиот граѓанин, и воопшто како некаков одговор, не притисок, туку европски пристап. Дали може така да ги примиме тие пораки?
Разбирам. Значи одговорот има два ракурса. Прво да го погледнеме чисто балканскиот ракурс и потоа да ја погледнеме помошта од надвор. Да почнам со помошта од надвор. Се разбира, претседателот Бајден има основа во неговата порака да каже онака како што смета. Јас сум работел многу со Американци и го знам начинот на мислење, начинот на дејствување. Тие се прагматични луѓе. И така треба да биде, затоа што НАТО сојузот и Европската Унија се пред се заедници за заеднички вредности. Од гледна точка на вредности, претседателот Бајден има право да каже ајде побрзо таму договорете се, прекинете со тие нешта. Од гледна точка, не зборувам тука за претседателот Бајден, туку од гледна точка на просечниот Американец, реката Дунав и реката Нил се многу блиску. Ако сфаќате што сакам да кажам.
И тука да се навратам на чисто балканскиот контекст. Ние на Балканот, прво споделуваме една заедничка историја, второ, споделуваме заеднички простор со многу слични етно-битови карактеристики и начин на однесување на луѓето. Вклучително тука е и тоа што луѓето на Балканот имаат многу мешани семејства и роднини во различни држави. Тоа наше заедничко минато и до одреден степен и сегашност, ако ги исклучиме државните граници, претпочита дека ние како Блаканци треба да мислиме и за заедничката иднина. Тоа заедништо што може зеднички да реши, т.е. интересот на Бугарија е да се развива и интересот на Македонија и обратно. Нашите граѓани имаат интерес од нашиот заеднички развој. Како и во соседните земеји, без да ги именувам, помалку или повеќе ние живееме во една етно-културна средина е многу блиска независно од нашите разлики. Имаме разлики, ОК.
Во таа смисла пораките од надвор може да бидат само катализатор. Но, тие не можат да ни кажат како да ги решиме нашите проблеми. Ние треба да седнеме да маса и да се разбереме. Нам ни треба дијалог, нам ни треба разбирање за нашите односи и за тоа што сакаме да постигнеме во интерес на нашите граѓани, затоа што да ги најдеме нашите заеднички интереси, каде е пресечната точка на тие заеднички интереси. И врз основа на заедничките интереси да градиме заедничка иднина.
Во тој контекст, за почеток дали можете да дефинирате каде е моментот каде што треба да попушти РС Македонија, а каде треба да попушти Република Бугарија, во интерес на иднината?
Не сакам да ги поткопувам разговорите, и тоа не преку македонски медиум да му кажувам на премиерот Заев што да очекува и како ќе седнеме да разговареме.
Медиумите и онака се први.
Не сакам да биде на тој начин. Добро е прво да се видиме лице в лице и да си ги кажеме работите кои се важни за нас. И јас пак ви кажувам, важно е за нашите граѓани, тие се нашите сојузници, ние работиме за нив. Солидарноста, една од заедничките вредности што ги споделува Европската Унија, е солидарноста меѓу сите граѓани. Но, пред се, секоја држава прво е одговорна пред сопствените граѓани. Ние пред сопствените граѓани не можеме да изјавиме и да правиме компромиси повеќе од она што ни го дозволил Парламентот, повеќе од тоа што ни дозволуваат нашите граѓани. Во таа смисла, ние сме целосно одговорни да седнеме прагматично со Владата на Северна Македонија, да работиме на варијанти како може да се излезе од оваа ситуација, доста прагматично, доста брзо. Имаме предлози, претпоставувам дека и македонската страна ќе донесе свои предлози, ќе седнеме да разговараме. Во блиска иднина, да сме живи и здрави, изборите се во јули месец, кон крајот на јули – август ќе имаме Парламент, и ако сме направиле нешто за време на службената Влада, Парламентот ќе каже да или не и да одиме напред.
Во контекст на Балканот спомнавте различности и сличност, последната порака, декретот на претседателот Бајден, вели дека Соединетите Држави сериозно ќе реагираат на она што значи нарушување на Преспански, на Дејтонски, на Охридски, на целиот тој пакет на Балканот, се она што ги блокира процесите, што ја блокира демократијата. Кого препознавате во тој контекст на Балканот?
Вие ги споменавте договорите, нема ниту еден договор што исклучува некоја држава. Тоа се сите. Нема некој кој би бил исклучен. Во тој контекст, јас пак ќе ви кажам, за Америка, за обичниот Американец, тешко би можел дури и да ги види границите меѓу одделните државите на Балканот. За нив тоа е некој простор, кој е некаде во Европа пред се. Така што сите тие работи што се изјавени од таа гледна точка, чисто политички, веројатно во иднина би можеле да се реализираат на еден или друг начин на политичко ниво. На кој начин останува да видиме, затоа што не ги знаеме деталите што има предвид американската Администрација.
Уште едно прашање во контекст на македонско-бугарските односи и надградување на таа доверба или уривање на таа недоверба. Колку во тој контекст можеби се згреши што примарно на тие релации на добрососедство им оставивме само на историчарите, кои едноставно покажаа декларативност многу повеќе, отколку што покажаа конструктивност. Дали тоа требаше да биде главната нишка и на тие билатерални релации на барање решенија?
Според мене, не. Историчарите, како што велите, се луѓе на науката. Според мене, луѓето од науката треба да се занимаваат само со наука, да си ги докажуваат тезите, и се разбира, врз база на факти и докази со неопходната сериозност и одговорност. Но, ним не треба да им се остава да бидат предводници во однос на политиката, затоа што политиката е одговорност на владите. Политиката е одговорност на извршната власт која одговара на потребите на граѓаните. Потребите на граѓаните се дефинираат преку гласање на соодветните избори, односно во политичкиот живот е решението на ова прашање и во владите на двете држави.
Затоа мојот апел, се радувам што господинот Заев ќе биде наш гостин, е точно тоа. Владите да седнат и прагматично да разговараат што може да се направи, затоа што, како што веќе кажав, при сета добронамерност што беше изразена при потпишувањето на Договорот за добрососедство во 2017 година, очигледно е дека неговото исполнување не се одвива. Еве веќе сме четврта година откако е потпишан и ние немаме никаков напредок.
Да, кажавме дека таа Комисија треба нешто да постигне, но очигледно е дека таа ништо не заврши. Тоа беше јасно уште првата, втората година. Треба да чекаме уште пет години таа комисија да постигне нешто? Според мене, тоа не е реално.
Можеби не посветивме доволно внимание на тоа што повеќе ќе значи кога зборуваме за граѓаните на двете држави, да се вложеше на пример во Коридор 8?
Коридорот 8 е друга болка, затоа ќе спомнам дека на Балканот тоа што ни било заедничко во нашата историјата ќе ни отвори прозорци за во иднината. Ние имаме заеднички интереси и Коридорот 8 е за поврзување – и политичко и економско. Колку подобро се поврземе во економијата, и на Бугарија и на Република Северна Македонија, и на Албанија, па натаму и на Италија како што се протега Коридорот, толку поразвиени ќе бидеме сите. Смислата на развиена економија секогаш дава подобри и социјални и други услови за развој на државата.
Борбата со корупцијата е нешто во кое што жестоко влеговте.
Корупција има насекаде и Бугарија не е исклучок. Ние станавме малку попознати со Законот Магнитски и санкциите што ги воведе Владата на САД кон одредени бугарски физички и правни лица. Тој акт во практика покажува дека корупцијата во Бугарија излезе надвор од националните граници, што од една страна е засрамувачко, но од друга страна ја покажува сериозноста на
проблемот со којшто ние се соочуваме. И во практика сериозноста на проблемот не е само корупцијата како појава, којашто ја има насекаде и постои во сите држави, туку фактот што бугарските правосудни органи, оние органи коишто се повикани да се борат и да ја спречат корупцијата, не се бореле успешно против неа, т.е. нивниот успех е минимален или никаков. Корупцијата стана толку сериозен проблем, што се срасна со државата и тоа е нормано.
А банките престанаа од пакетот Магнитски да блокираат, да служат?
Да. Како што го добивме сигналот на 2 јуни, односно објавата од американската Влада, ние како техничка Влада бевме исправени пред еден многу сериозен предизвик, затоа што, иако со јурисдикција на друга држава, и немање директен однос со бугарските закони и нивна примена во нашата држава, сепак се јавуваат многу хипотези и основи за стравувања дека економскиот живот во Бугарија може да биде загрозен од потенцијални блокирања на сметки, дејности итн.
Во врска со тоа, Владата усвои одлука со цел да ги заштити државните и општински фирми, така што тие нема да бидат потенцијален објект на идни санкции според силата на тој закон. Според американското законодавство, сите меѓународни банкарски трансакции преку системот СВИФТ, се следат од американската Влада, респективно од три големи банки. И при присуство на определен трансфер којшто е на тој црн список, тоа значи дека таа трансакција не е дозволена, и економскиот живот запира.
По одлуката на бугарската Влада, соодветно и бугарската Народна банка, како независен орган, даде инструкции кон банките и кредитните институции, како да постапуваат во вакви ситуации, под кои услови да одобруваат банкарски трансакции, како да се постапува со кредити на тие правни лица што ги има на тој список итн. Сметам дека ситуацијата е под контрола, нема непосреден ризик за бугарскиот банкарски систем и во принцип врз целата економија.
Тоа е економскиот систем. Оној друг дел, едно од тие лица кои се под санкции, се занимаваше и со продажба на бугарски државјанства. Колку тој пакет влијае и на безбедносниот аспект?
Тоа е навистина прашање за безбедноста. Навистина постоеле таков тип практики. Прво, имаме сигнал на американската Влада кој е јасен, таа практика што постоела е многу непријатна, од аспект на безбедноста, но и на корупцијата. Колку што сум запознаен со бројките, над 120.000 македонски граѓани имаат бугарски пасош. И сега, ако се докажат тие практики кои постоеле тогаш при издавањето на бугарски државјанства, значи коруптивната практика која постоела, покажува дека тие луѓе не биле проверувани според правилата. Веројатно има фалсификување на документи, на проверки, и тоа покажува дека има сериозен проблем за националната безбедност, без да ја посочувам Република Северна Македонија или оние граѓани на Републиката кои имаат бугарски пасош, затоа што тоа е голем список, затоа што бугарски пасоши не се издаваат само на граѓани на Северна Македонија, има и други граѓани, на Србија, Молдавија итн. Но, тоа покажува дека можеби има луѓе кои немаат добри намери, утре може да се занимаваат и со нелегални дејности, тероризам итн, да се движат со бугарски пасош, а нивното потекло да биде било од каде.
Тоа значи дека може да има некаква ревизија?
Ревизија има, во овој момент се спроведува по неколку насоки, и кога ќе има резултати, јавноста ќе биде запознаена.
Моето последно прашањето – изборите во Бугарија. Кои се прогнозите? Дали ќе биде спроведено се како што е редот, за да биде регуларно?
Изборите во Бугарија се достигнување на демократскиот процес, што овозможува на секои четири години да се видат односите во општеството. Што се очекува, каков ќе биде гласот на општеството, ќе видиме многу брзо, на самите избори. Од гледна точка на техничката Влада, наша обврска е да ги обезбедиме и организираме изборите, според правилата на изборниот кодекс којшто налага да има машини за гласање и се разбира да ги спречиме сите оние негативни појави на т.н. корпоративно или купено гласање, односно одредени напори да се „искриват“ гласовите во полза на една или друга партија. Изборите се натпревар, партиите и нивните поддржувачи ќе покажат каква е реалната состојба. Знаете дека на последните избори во април добивме Парламент којшто не можеше да испорача Влада, се надевам дека тоа нема да биде и овојпат така затоа што работата со којашто се занимаваме е исклучително интензивна и тешка, и се надевам дека во рамките на еден нормален мандат на течничката Влада ќе можам го предадам на следната избрана Влада.
Зошто да го предадете, дали можеби гледате опција да продолжите на некој начин?
Тоа не зависи од мене, така што нема да го коментирам тој дел. Нека одлучат партиите.
Драган Антоновски
Фото и Видео: БТА