Лидерот на новата партија во новоизбраното Народно собрание – „Бугарски подем“ и поранешен вршител на должноста премиер Стефан Јанев за Нова ТВ коментира дека во овој распарчен парламент со седум партии треба да се бара асиметрично решение, јави дописникот на МИА од Софија.
Според Јанев, ваквото решение би можело да биде создавање на „супермалцинска“ влада. Оваа влада би била составена од мали партии поддржани од останатите парламентарни партии со коалициски договор, кои не учествуваат директно во неа, туку ја поддржуваат во Народното собрание.
-Се е можно, изјави Стефан Јанев. „Бугарски подем“ може да прифати секаков вид коалиција што е во интерес на бугарските граѓани и се заснова на приоритети и јасни правила и односи, додаде Јанев. Вака тој одговори на прашање дали ќе коалицира со ГЕРБ.
Јанев првпат го употребил зборот војна во врска со руската инвазија на Украина. Поради неподготвеноста да ја нарече руската инвазија на Украина на 24 февруари, поранешниот премиер Кирил Петков, беше принуден да го разреши Јанев од функцијата министер за одбрана и да го замени со бугарскиот амбасадор во НАТО, Драгомир Заков. Јанев рече дека бидејќи имало мобилизација во Украина, тогаш имало војна и во Украина. (МИА)