По снимките кои беа објавени во јавноста и во кои има и телефонски разговор помеѓу Орце Камчев и Бојан Јовановски, а при што се слуша и гласот на специјалната обвинителка Катица Јанева, шефицата на СЈО испрати писмена изјава во врска со овие случувања.
Таа вели дека за изјавата во која му вели на Камчев дека се ќе биде во ред, во тој момент имала оправдана причина, иако не дава објаснување за оправданата причина. впрочем, еве што вели Јанева:
„Ја слушнав снимката, објавена на порталите поврзана со случувањата за случајот „Рекет”. Фрапирана сум како моите постапки како Специјален јавен обвинител се донесуваат во каква била корелација со случајот „Рекет”. Како Специјален јавен обвинител моја обврска е да контактирам со сите осомничени како и со други лица во врска со кривичните постапки кои се водат во ова Јавно обвинителство и од сите нив да се обидам да извлечам што поголем број на инфорамции како би ја подобрила позицијата во контекст на осомничените за секоја истрага/предмет поединечно. Сум разговарала за зголемување на степенот на соработка со осомничените, за откривање на нови сознанија во корист на истрагата, поточно, за подобрување на нашите позиции како јавни обвинители, но во никој случај и во ниеден момент не сум тргувала со никакво влијание, не сум ја злоупотребила својата функција и не сум постапувала спротивно на законот. Обвинител е секогаш обвинител, па и кога разговара со осомничени по телефон, а за ваква изјава во тој момент имаше оправдана причина.
Ги повикувам истражните органи што е можно побргу да ја завршат истрагата, да ги приберат сите докази и да ги завршат сите форензички вештачења поврзани со случајот „Рекет”, за целосно расчистување на овој случај и обелување на моето име.
Откако ќе бидат презентирани десетината истраги подготвени за брзо процесирање, од страна на СЈО многу нешта ќе бидат појасни за јавноста. Во тие истраги се осомничени и се надевам дека ќе бидат обвинети многу поранешни и сегашни функционери во власта и значајни личности во партиите, па од таму е јасно зошто некој со сите сили и со невидена медиумска хајка се обидува да го загрози мојот и кредибилитетот на СЈО како и на сите други обвинители, а со тоа се обидува да ги уништи кривичните предмети кои се водат во обвинителството. Се надевам дека тоа нема да се случи.
Очекувам пратениците на седница на Собранието на РСМ, во најбрз можен рок да го донесат Законот за ЈО на РСМ.
Откако ќе се вратат сите обвинители од ЈО од годишен одмор, пред донесување на законот за ЈО, ке има целосен отчет за досега сработеното во врска со истрагите и предистрагите кои се водат во СЈО. Тоа е моја обврска и задача која ќе ја презентирам пред јавноста и надлежните институции, со што ќе бидат отстранети сите евентуални притисоци кои би можеле да ги имаат обвинителите во СЈО кои и досега си ги работеа сите кривични предмети, се разбира во заедничка кординација со мене. Потоа очекувам овие предмети кои се во СЈО, да продолжат да се работат од страна на надлежното обвинителство, со што ќе се продолжи борбата против корупцијата и борбата за владеење на правото.“, пишува Јанева.