Имам позитивни сигнали дека Законот за јавно обвинителство ќе биде донесен во најбрз можен рок и ќе видиме како Специјалното јавно обвинителство (СЈО) ќе продолжи да работи, изјави денеска специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, одговарајќи на новинарски прашања пред настанот што се одржува во Клубот на пратеници во Скопје.
– Меѓународната заедница дава јасни насоки, а и власта, освен опозицијата, која е лично засегната, истакна Јанева, додавајќи дека не може за законот да преговара лице кое веќе има предмет во предистрага и во истрага и кое дава квалификации за СЈО и за нејзината личност.
Јанева го појасни својот став:
– Тука мислам на Антонио Милошоски, кој многу се занесува во своите изјави, истакна Јанева.
Специјалната јавна обвинителка изјави и дека дала налог да се истражат „бомбите“ што беа објавени деновиве на Фејбук профилот „Ел Чеко“, просочувајќи дека нема информации од каде се обезбедени.
– Дадов налог да се истражат „бомбите“ и по хард дискот да се утврди времетраењето, па да се идентификува со тие разговори, рече Јанева пред Петтата сесија на работната група 3 од Правосудство и основни права – Поглавје 23 од Националната конвенција за Европската унија во Република Северна Македонија што се одржува во Клубот на пратениците.
Јанева истакна дека информатичарите ги анализираат „бомбите“ од кои поголем дел се на албански јазик и треба да се преведат.
На прашање дали се работи за истите „бомби“ шти ги поседува СЈО, Јанева рече дека дел од нив ги има. Додаде дека не може да гарантира дали бомбите се од СЈО затоа што во овој момент, како што рече, тоа се истражува.