Драстично намалување на бројот на студиските програми на универзитетите од сегашните над 1300 очекува министерката за образование и наука Весна Јаневска со донесувањето и примената на новиот Закон за високото образование. Смета дека  јасно дефинираните критериуми ќе ги натераат високообразовните установи или самите да затворат или тоа да го направат по сила на законот. Посочи дека е неприфатливо тоа што сега се случува често – на една студиска програма да се запишани само еден до пет студенти.

-Тоа е апсолутно неприфатливо и затоа се договоривме со универзитетите дека ќе го промениме тој систем на такво студирање и тоа законот го предвидува. Ќе воведеме модуларност. На пример, на Правниот факултет – сите студенти завршуваат Правен факултет и добиваат диплома за дипломиран правник. Првите две години се исти за сите нив, во вторите две години студентот се насочува. И тоа важи за сите други факултети. Оттука, очекуваме драстично намалување на студиските програми. Но, бидејќи многу бргу ќе треба сите јавни високообразовни установи во Македонија да се приспособат на условите, очекуваме дека релативно голем број од нив самите ќе се затворат или ќе бидат затворени по силата на законот, рече Јаневска на прес-конференцијата на која ги претстави пакетот три закони за високото образование и за научноистражувачка дејност.

Не очекува дека со укинувањето на студиските програми професори ќе останат без работа. Ќе се бара решение и за нерамномерната распределба на професорите на факултетите или институтите затоа што, рече, многу од нив имаат проблем или со недостиг од кадар или со превработеност.

-Затоа ќе воспоставиме систем со кој вработувањето на наставно-научниот кадар ќе оди по сиостематизација за да немаме премалку или премногу професори за одредени студиски програми. Систематизациите ќе си ги носат самите универзитети, како држава нема да им се мешаме, не ќе се мешаме ниту во програмите, ниту во која било нивна наставно-научна дејност. Но, првпат ќе бараме отчетност. Сега ќе имаме функционален Национален совет за високо образование и наука, а  исто така тие треба да имаат систем за внатрешен квалитет кој ќе биде евалуиран, додаде министерката за образование и наука.  

Фото: архива