Д-р Весна ЈАНЕВСКА

Министерката Мила Царовска соопшти дека учениците оваа учебна година ќе следат настава со физичко присуство. Се согласувам дека физичкото присуство на учениците во училиштата е многу важно како за успешно спроведување на наставата и стекнување на знаења на учениците, така и за многу важниот социјален живот и непречен, нормален психолошји развој на децата.

Сепак темата е за дискусија. Вирусот има регионална дистрибуција, односно различно е застапен во различни региони. До толку да се немало чувство за адаптација на соодветната ситуација е многу чудно и е одраз на немање на воља за работа.

По не знам кој пат кажувам дека има и други, навистина покомплицирани опции, од едноставно генерализирање на ставот и застапување на најпростото решение. Во развиените евро-атлантски земји за секое училиште се следат епидемиолошки индикатори и според нив и се постапува. Пример, Во Пехчево нема заболени од Корона вирусот, учениците ќе одат на училиште, во Тетово има многу заразени, учениците ќе имаат онлајн настава. Кога ќе се смени ситуацијата и училиштата ќе се прилагодат.

За обезбедување на сигурност на децата, тие може еднаш неделно да се тестираат со брзи бесплатни тестови, како и евентуално невакцинираните наставници. Наставниците, но и родителите треба во најголем број да бидат вакцинирани.

Се уште не видовме прецизни упатства (има одредени упатства) како ќе се постапи ако се појави позитивен ученик во училиштато, или како, ако има позитивен наставник? На пример, децата се во училница, а позитивниот наставника на екран? Кој ќе држи настава, замена, или ќе губат настава, или и тие заради наставникот ќе следат настава онлајн, или како и минатата година ќе се потскриваат едредени епидемиолошки податоци, за што многу се зборува во јавноста меѓу учениците и наставниците.

Можеше во тек на летото да се изготви база на наставници-волонтери, кои ќе можеа да држат заменска настава. За возврат наставниците волонтери ќе стекнуваат искуство, се разбира под менторство и ќе добијат поени (предност) за вработување или унапредување.

Сепак, што да очекуваме кога летово ни учебниците не се подготвија, а не пак за сложени работи како пандемијата да се мисли. На 13 дена пред почеток на учебната година нема учебници, ни обични, ни дигитални, за прво и четврто одделение. Се надевам ќе стигнат барем 1 ден пред први септември.

Да не должам, се’ ова личи на “нема проблем ќе се снајдеме и во чекор ќе ги решаваме проблемите“. Можеби може и така, ама искуството од лани покажува друго.