Силно веруваме дека образованието е основниот постулат на кој треба да ја развиваме државата и гарантира утврдување на добар правец на делување за остварување на целта. Важни ни се сите сегменти на образованието и одеднаш и подеднакво ќе делуваме и во основното и во средното образование, но и во високото и науката, порача денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, во обраќање на конференцијата „Осигурување на одржливоста на реформите за подобрување на образовниот систем“.

Конференцијата е организиран рамки на проектот финансиран од ЕУ „Зголемување на атрактивноста, инклузивноста и релевантноста на стручното образование и обука и образованието за возрасни“, во соработка со Министерството за образование и наука.

Јаневска изрази за заедничкиот придонес кон градењето на поквалитетен образовен систем.

– Чест е што имаме партнери како Европската унија и повеќе други што постојано ни обезбедуваат поддршка, ефективна и видлива. Јас се надевам дека таа поддршка ќе продолжи за приоритетите на новата Влада во делот на образованието и ова е добра прилика да потенцирам неколку од нив. Важни ни се сите сегменти на образованието и одеднаш и подеднакво ќе делуваме и во основното и во средното образование, но и во високото и науката, подвлече министерката.

Во тој контекст ги спомена новите наставни програми и учебници за седмо, осмо и деветто одделение. – А потоа навраќање и на подолните одделенија. Нови наставни програми и учебници во средното гимназиско образование. Во стручното останува проширувањето на концептот на дуално образование од кој верувам сите сме исклучително задоволни, но и продолжување на развојот на регионалните центри за стручно образование и обука. Оптимизација на училишната мрежа за подобра искористеност на средствата што ќе ни бидат на располагање, додаде Јаневска.

Според неа, процесот е отпочнат и добро напредува, но потребно е време за целосно заокружување.

– Воведување на едносменска настава и продолжен престој во училиште за што повеќе ученици. За помалку режиски трошоци, за повеќе знаења и вештини за учениците, за решавање на предизвикот со наставниците кои немаат доволен ангажман. Дигитализација на образовниот процес, бидејќи е тоа позитивен глобален тренд кој носи бројни придобивки. Менување на моделот на инклузија, по барање на наставниците, стручните соработници и најмногу на родителите на учениците со попреченост. Сегашната состојба создава повеќе предизвици, отколку што решава проблеми, рече Јаневска.

Таа се осврна и на јакнење на механизмите за мотивација на постојниот наставен кадар и за привлекување на нови сили кои ќе градат некои идни генерации на оваа држава.

– За сите овие промени, потребна е квалитетна законска регулатива и во оваа прилика ќе потсетам дека, веќе започнавме со јавна дебата за менување на повеќе законски решенија – за основно и средно образование, за средно стручно образование, за образование на возрасните и за националната рамка на квалификации, рече Јаневска.

Како што додаде,  секој може да се вклучи со свои сугестии.

– Како министер за образование и наука кој е на оваа позиција нецели три месеци, мислам дека и досега покажав голема отвореност за соработка, желба да ги слушнам сите засегнати страни и да прифаќам позитивни идеи. Остварив стотици средби и заедно со мојот тим евидентиравме многу предлози, сугестии и забелешки и постапуваме по сето тоа што е издржано. Ве повикувам и сите вас тука присутните да бидете дел од промените што пошироката јавност очекува да се случат. Чекорите што ги преземаме ќе бидат посмели и порешителни, знаејќи дека имаме партнери како вас, на кои можеме да се потпреме во секое време. Нема лесни промени, но и нема откажување од иднината на нашите деца, подвлече министерката.

Александру Албу,  од Делегација на Европска Унија во Северна Македонија,  нагласи дека  образованието е важна тема за развојот на државата.

– Постојат неколку предизвици во Северна Македонија во денешниот образовен систем. Резултатите од меѓународното испитување покажаа дека земјата треба да направи дополнителни заложби да го подобри квалитетот на образованието, да ја адаптира на денешната реалност, да ги привлече најдобрите професори и професионалци од образованието и да создаде поповолна средина за предавање и учење, рече тој, нагласувајќи дека државата ќе ја има поддршката од Европската Унија  и во наредниот период.

Бојана Политова, советник за партнерско работење и соработка со државни органи, се осврна на претстојните реформи за подобрување на образовниот систем, на новата правна рамка.

– Се наоѓаме во време на промени, значајни промени и предизвици и нашата способност да го приспособиме нашиот образовен систем на современите потреби, е клучна за обезбедување на квалитетно образование за сите ученици, рече Политова.

Таа нагласи дека со современи закони што ќе ги одразат нашите најнови образовни цели и потреби, можеме да создадеме образовен систем што е инклузивен, актуелен и прилагоден на современиот свет.

Конференцијата вклучува и три паралелни панел сесии фокусирани на постигнување на извонредност во стручното образование, унапредување на системите за образование на возрасни и подобрување на училишната клима. Како што беше кажано, главната цел на настанот е да обезбеди рамка за размена на искуства преку обединување на сите страни, вклучени во подобрувањето на образовниот систем на земјата.

фото:МИА