Негрижата за образованието што постоеше до јуни ја заменивме со 100-процентна посветеност и во стоте дена отпочнавме крупни промени за поквалитетно образование и подобра иднина на младите. Ги стопиравме лошите политики кои го намалија бројот на ученици за 17 илјади во изминатите седум години, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска во отчетот по повод 100 дена од работењето на Владата.
На прес-конференција таа истакна дека е задоволна од сработеното во ресорот што го предводи и најави дека МОН ќе продолжи со „исто силно темпо, максимално посветени кон учениците, студентите, наставниците, професорите, исто како и во првите три месеци“.
-Моето прво, а воедно и реализирано ветување, беше навремено достапни учебници за сите ученици. По седум години, првпат навремено се испорачани учебници за сите ученици. Над еден милион примероци беа поставени на училишните клупи, на првиот училишен ден. Успеавме да изработиме и повеќе нови учебници и наставни материјали по предмети за кои до скоро воопшто немаше никакво помагало – 10-ина во основното и 100-ина нови наслови во средното стручно образование, рече Јаневска.
За учебниците за странски јазици кои недостигаа на 1 септември поради проблеми во постапката, министерката рече дека набавката најверојатно ќе биде распишана најдоцна во јануари и дека тоа значи оти за следната учебна година ќе ги има и учебниците по сите странски јазици.
Во однос на инфраструктурата, соопшти дека во моментов се реализираат 36 капитални инвестиции во изградби и реконструкции на училишта, како и 40 помали санации на училишни објекти. Потсети дека започната е етапна реконструкција на државните студентски домови, со првите два – „Кузман Јосифовски Питу“ и „Стив Наумов“ во Скопје за што се инвестирани 17 милиони евра.
Посочи дека е поништена одлуката за основање Факултет за здравствени науки на Меѓународниот универзитет во Струга кој не ги исполнувал условите за почеток со работа.
-Во 140 училишта е воведена квалитетна, економична и ефективна едносменска настава, а наскоро бројот ќе се зголеми за 50-ина. Заедно со наставниците се изработуваат нови наставни програми од седмо до деветто одделение, откако претходно беше стопирана Концепцијата за основно образование во овие одделенија и се одделија предметите кои, преку спојување на Историјата со Географијата и Граѓанското образование, ги обезвредни претходната влада. По цели 20 години e започнат и процес на етапна изработка на нови наставни програми во гимназиското образование, рече Јаневска.
Првпат во основните училишта, додаде министерката, се ангажирани над 1000 образовни асистенти, а ќе се постапи и по дополнително пријавени потреби од страна на родителите и старателите во меѓувреме.
Јаневска информираше дека се менува и законската регулатива – пет закони се предмет на јавна дебата – за основно образование; за средно образование; за средно стручно образование и обука; за образование на возрасните; за Национална рамка на квалификации, а уште други пет, рече таа, наскоро ќе треба да поминат низ филтерот на експертската јавност.
Јаневска посочи дека пред три месеци затекнале буџет на МОН во дефицит од 5 милијарди денари, но дека со ребалансот, дел од парите биле вратени во касата за да можат да се сервисираат услугите и да се исплатат сите задоцнети обврски кон граѓаните и кон институциите.
-Обезбедивме 900 милиони денари за исплата на редовни плати во училиштата и 1,4 милијарди денари за повисоки плати на наставниците во високото образование односно за универзитетските професори. Ја исплаќаме неисплатената финансиска поддршка за учениците. Ги исплативме неисплатените ученички и студентски стипендии, награди на ученици и нивни ментори кои освоиле прво место на државен натпревар или високи места на меѓународни натпревари, неисплатените средства за меѓуградски превоз на ученици, неисплатените парични надоместоци за објавени научни трудови во списанија со импакт-фактор. Исплативме средства кои претходната Влада не ги исплатила за учество во ПИСА-тестирањето во 2022 година, за учество во Фулбрајт-програмата со САД, за учество во Хоризонт-програмата на ЕУ и така натаму, што е навистина срамно, рече Јаневска.
Фото: МИА