Две скопски училишта влегоа во бојкот поради ученик со насилно поведение. Од вчера во „11 Октомври“, а од денес и во „Лазо Ангеловски“, родителите не ги носат своите деца на настава.
Детето прво учело во Ново Лисиче, а сега се најавува дека ќе учи во Центар. Законот го знаеме, секое дете има право на образование, но како родители разбирливо е да не бираме средства кога целта ни е да си ги заштитиме децата.
Како треба да се реши овој проблем? Кој треба и како да постапува?
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, во ексклузивна изјава за Курир, порачува дека ги разбира родителите и децата, но посочува дека и ученикот е дете на кое му треба помош и заштита.
-Јас ги разбирам родителите кои стравуваат за сопствените деца, но станува збор исто така за дете. Малолетно дете кое треба да се вклопи во средината, односно во општеството. Првенствено треба да се испитаат причините зошто е такво однесувањето на детето, а за да се стори тоа и да може понатаму да се делува да се коригира однесувањето на детето, треба да се вклучат повеќе фактори од државниот систем. Првенствено училиштето со своите стручни служби би требало да може на некој начин да го реши проблемот, но соработката со родителите е од исклучителна важност. И стручните служби на училиштето и родителите би требало примарно да влезат во решавање на проблемот. Доколку тука нема резултати, секако треба да се вклучи и социјалната служба, односно Министерството за социјална политика, демографија и млади. Министерството има сериозни законски обврски поточно Центарот за социјални работи, за да помогне во решавање на овој проблем, рече Јаневска.
Таа оценува дека се дозволило проблемот да ескалира. При таква состојба е дојдено до момент кога детето кое било насилно кон други, сега станува жртва.
-Очигледно е дека системот е малку тромав и се дозволи овој проблем да ескалира премногу. Во овој момент детето станува жртва на однесувањето на општеството. Бојкот во едно училиште, бојкот во друго училиште, неможност да се справиме со проблемот. МОН во еден момент се вклучи во решавање на проблемот и постапивме така како што треба и како што е предвидено да постапиме, но сега ќе мора малку повеќе да се вклучи Центарот за социјални работи за дефинитивно да го решиме овој проблем. Детето има право и на образование, но и на мирен, пристоен живот. Детето има право да му се реши проблемот. Тоа е дете и не може само да си го реши. Затоа постои државата и организиран систем кој треба да го реши. Ќе се вклучат сите потребни институции кои ќе треба да го решаваат овој проблем, сега малку позабрзано. Ние исто така се ангажираме и ги повикуваме институциите позабрзано, поупорно и подлабоко да поработат на ова случување за да првенствено му помогнеме на ова дете кое е како и сите други деца од 9 години. Ниту смееме ниту имаме право, а имаме морална обврска да се грижиме за секој граѓанин на оваа земја. Тоа дете ги има истите права како и сите други деца и ние сме должни да го решиме тој проблем, посочи министерката за КУРИР.
Ова е само една од темите за кои во Министерството за образование и наука разговаравме со Јаневска. КУРИР во текот на утрешниот ден ќе објави ексклузивно интервју со министерката.