(Напишано пред 10-тина години. Иако деновиве актуелен е Гоце, оваа реобјава инспирирана од мажето на Рената Дескоска и таквите како него, за кого Сонцето од Кутлеш е грчки симбол и тоа никако не смее да се оспорува)

-Старата теза дека античките Македонци исчезнале, а на Балканот и во Македонија завладеале Словените чии потомци сме и ние и која е изменета во најновата Историја на македонскиот народ, грчевито се бори за својата доминатност, така како што некогаш тоа го правеше идејата за Земјата како рамна плоча во време на инквизијата и легендата за Тито кој ги надмудрил фашистите кај Неретва. Во име на словенството забрането е дури и да се спомене дека целата словенска теза, можеби, има грешки.

– Среќа што во меѓувреме други го измислиле пеницилинот и ја унапредиле хирургијата и што бизнисот овозможува каков-таков напредок на фармацевтската индустрија. Инаку, ако нас не прашаат, ние веројатно уште ќе се држевме до рецептот за лечење со пуштање крв со помош на пијавици и до рецептот од Македонските народни приказни на покојниот Ванчо Петрушевски во кои рицинусот беше прогласен за универзален лек

Дарко ЈАНЕВСКИ

Пред неколку века, Католичката црква сметала дека Земјата е рамна плоча носена од три слона (или можеби беа китови). И кога ќе стигнеш до крај на плочата, завршува светот. Таа ‘вистина’ се сметала за вечна и ништо не смеело да и противречи. За спротивното можело да се добие и смртна казна и тоа со јавно палење.
Неколку стотини години подоцна конечно се утврди дека црквата грешела. Земјата не била плоча, а тие што за зачувување на тоа тврдење биле спремни да горат луѓе, денес се сметаат за дегенериран изданок на човековиот род. Ништо од тоа немаше да се случи доколку тврдењето за плочата не го сметаа за апсолутна и засекогаш дадена вистина и доколку оставеа можност дека науката смее да ги истражува и оние работи што се сметаат за конечно истражени.
Во сите републики на бившата ни СФРЈ, до деведесетите години на минатиот век, а кај нас во Македонија веројатно и многу подоцна, се учеше за генијалноста на Јосип Броз Тито кај битката на Неретва во текот на германската офанзива во 1943 година. Ненадминатиот син на југословенските народи и народности, каков што се раѓа еднаш во сто, па и повеќе години, смислил план како да ја надмудри Хитлеровата војска и дал наредба да се урне единствениот мост на реката преку кој можеле да се извлечат неколкуте илјади ранети партизани. Кога германските генерали помислиле дека тој го урива мостот затоа што ќе се враќа назад, ја префлиле својата војска на другата страна од реката. Тогаш, вели приказната, Тито, кој го предвидел и очекувал тоа, дал наредба преку ноќта да се изгради нов мост преку кој се префрлени ранетите на спротивната страна од Неретва и така ги надмудрил Германците.
Таа детска приказна за лукавиот Тито, исто така важеше за апсолутна вистина. Се до едно интервју на неговиот генерал Коча Поповиќ во годините пред да умре (1992 г.), во кое тој призна дека во раскажаната бајка за офанзивата има се, ама најмалку лукавост. Тито, сведочеше Поповиќ, навистина сакал да се врати назад и затоа го урнал мостот, но кога сфатил дека патот му е блокиран, од немајкаде го презел очајничкиот чекор со изградба на нов мост, и во тоа, за среќа успеал. Така се спасени ранетите, но така е родена и оваа апсолутна вистина на југословенскиот режим која не смееше да се оспори. Добро, во СФРЈ не ги палеа луѓето кои евентуално се постмеваа на раскажаната мудрост на Тито, но по војната и за побезболни работи се одело на Голи оток.
Денес, за жал, со слична ситуација се соочуваме и во однос на обидите на дел од историчарите да кажат дека денешните Македонци не се, ниту можат да бидат исклучиво Словени, туку дека се мешавина на античките Македонци и на Словените во кои античкиот етнос останал доминантен, како што стои во најновата Историја на македонскиот народ. Меѓутоа, старата теза дека античките Македонци исчезнале, а на Балканот и во Македонија завладеале Словените чии потомци сме и ние, теза која е сместена и во Македонската енциклопедија на МАНУ, грчевито се бори за својата доминатност, така како некогаш тоа го правеше идејата за Земјата како рамна плоча и легендата за Тито кој ги надмудрил фашистите кај Неретва. Во име на словенството забрането е изнесување на било какви нови податоци, сознанија или заклучоци. Вистината за Словените е апсолутна и тоа, според многу глави, очигледно така мора и да остане. Веројатно не сфаќаме, но со ова темпо, очигледно сме на чекор од тоа да прогласиме дека и во медицината не може да се открие ништо ново. Среќа што во меѓувреме други го измислиле пеницилинот и ја унапредиле хирургијата и што бизнисот овозможува каков-таков напредок на фармацевтската индустрија. Инаку, ако нас не прашаат, ние веројатно уште ќе се др`евме до рецептот за лечење со пуштање крв со помош на пијавици.
Кога од овој аспект ги гледате работите, тогаш ви станува јасно дека сега можеби помалку е битно дали денешните Македонци се потомци на Словените, на Александар Македонски или се некаква мешавина. Во општество во кое доминираат умови чија способност да си постават најобично логично прашање, најпрвин себе, а потоа и на другите, е крајно спорна, предметот за потеклото станува второстепено. Зашто, дури и несоборливо да го докажете било кое сознание, тоа нема да ја промени свеста кај таквите луѓе кои веќе утре, на првиот агол, ќе успеат да ве изненадат со нова пречка и нова несоборлива апсолутна вистина која не смее да се проверува. Против тоа навистина е тешко да се борите, оти стара поговорка е дека некому можете да му го земете умот, ама да му дадете – тоа е веќе јалова работа. И ако Александар Македонски со неговите фаланги помогне во разбивање на тоа мочуриште, тогаш сеедно дали има докази или не – ние сме негови потомци.

П.С. Ова е напишано некаде во 2009 година (сега само е додаден Гоце во насловот), веројатно пред да ја повлечат Македонската енциклопедија која се споменува во овие редови. Како што можете да видите, и денес, во 2020 година, ништо не се сменило во однос на ова. Со тоа што за нашите генијалци, како што е неспорно дека Александар бил Грк, денес неспорно е дека Гоце е Бугарин. Добро, бројот на припадници на неименуваната етничка заедница означена со три коси црти, а кои мислат дека тука и таму Гоце бил и Македонец (ама бил и Бугарин) е поголем од бројот на тие кои се спротивставуваа за Александар и Сонцето од Кутлеш како грчка сопственост, но последниот пасус од оваа колумна покажува дека нашите умови биле и останале закржлавени и дека сме останале на исто ниво на кое сме биле. И дека уште сме на ниво кога луѓето ги лечеле со пијави, а ако тие не помогнеле, тогаш тука бил „рицино“.