Дарко ЈАНЕВСКИ

Триесетина бивши пратеници од Собранието на РМ собрале потписи и бараат од Талат Џафери да свика седница на распуштеното Собрание.

Иако се чини дека е излишно околу ова да се прави сериозен муабет, всушност, се чини дека е невозможно да биде сериозно,  сепак, ете да се потрудам:

– Собранието се распушти и изборите беа закажани за 12 април;

-По прогласување на вонредната состојба од страна Стево Пендаровски, Владата донесе Уредба со законска сила со која го запре натамошното спроведување на изборните дејствија (иако, ако според овие пратеници Собранието сега се состане, можело да се состане и тогаш кога Пендаровски ја прогласи вонредната состојба бидејќи според нив единствена пречка била епидемијата – само Џафери тврдеше дека проблем е и Одлуката за распуштање – а, епидемијата и сега постои);

-Уредбата ги суспендира изборните дејствија, но не ја суспендира Одлуката за распуштање на Собранието, ниту Одлуката на на Талат Џафети за закажување на изборите;

-Ако Уредбата со законска сила ги запира изборните дејствија, но не ја суспендира Одлуката за распуштање на Собранието, тоа значи дека распуштеното Собрание не може одново да се состане, бидејќи не можело ни досега од моментот кога е распуштено;

-Пластично кажано, тоа значи дека Одлуката за избори е валидна, само што поради виша сила (епидемија), течењето на роковите е стопирано, односно времето за тие изборни рокови е запрено и ќе продолжи да тече тогаш кога ќе ја снема вишата сила;

-Спротивно на ова, ако распуштеното Собрание сега може да се состане, како пто тврдат пратеницте кои се потпишани на барањето ан свикување седница,тоа значи дека можело да се состане и при прогласувањето на вонредната состојба, што би значело дека Стево професорот по право го прекршил Уставот и како доблесен човек, треба да си даде оставка;

-Поинаку кажано, тоа значи дека Стево Пендаровски не можел да прогласи вонредна состојба, бидејќи Собранието можело да се состане и тоа требало да ја прогласи вонредната состојба согласно Уставот, и со чинот на прогласување, Пендаровски врз себе презел ингеренции кои и припаѓаат на законодавната власт, што значи извршил своевиден пуч. Дали за ова се одговара кривично? Тој си е професор, самиот нека си одговори! Дали тоа го сторил самиот или во содејство со Џафери кој не сакаше да го свика Собранието?

-Тоа значи дека за да се состане сега Собранието треба да се утврди од кои причини досега не можело да се состане (настрана што нема кој тоа да го утврди, па кај нас го прави по свое наоѓање Џафери):

-Едната е физичка неможност на пратениците, а таа причина не постои, бидејќи тие на ниту еден начин не беа спречени да физички да дојдат во Собранието;

-втората причина е опасноста да бидат од епидемијата односно барањето да бидат на дистанца не помала од два метри, но таа опасност и сега постои, па ако се најде начин сега да се елиминира опасноста, тоа значи дека можело да се најде начин таа причина за несостанување да се елиминира и тогаш (ова не го опфаќа распуштањето, бидејќи за потписниците тоа не епричина за несвикување седница);

-Ако тоа е така, тогаш собрано се заедно, овие триесетина потписници на петицијата за свикување на седница на Собранието, кои имаат за цел да ги потврдат вонредните состојби на Стево професорот по правни науки, всушност индиректно тврдат дека Стево професорот немал право да прогласи вонредна состојба. Не два пати, туку ниту еднаш;

Така доаѓаме до тоа дека пратениците од СДСМ, сакајќи да спречат евентуална ситуација во која идното Собрание можеби не би имало мнозинство за да ги потврди вонредните состојби на Пендаровски, па брза сега тоа да го стори, всушност создава уште една можност сето тоа да биде поништено по следните избори. Се разбира, тоа нема да биде сторено сеедно каков ќе биде идниот собраниски состав поради владеачката „меко бабуле“ филозофија во држава која трае веќе неколку години, но кога постои можност, постои и надеж во чуда.

Но, што и да стори, СДСМ е во дупло голо: ако ја остави ситуацијата вака, ризикува идниот состав да не ја потврди барем втората вонредна состојба на Пендаровски, па со тоа на посреден начин да паднат и сите уредби на Владата; ако издјествува Собранието да се состане, ризикува и Пендаровски, а со тоа и Владата на Спасовски индиректно да ги обвини за пуч. Тоа може да нема никави, но, како што реков, со оглед на секогаш малата можност од чуда, може да има и секакви последици.

-,