Дарко ЈАНЕВСКИ

Ете се изначитавме и изнаслушавме какви се не корона мерки презеле Филипче, па Владата, па не знам кој… Со заеднички именител дека и на ова поле „Блескаме“. Некако при тоа заборавивме дека бевме најрелаксирана или една од најрелаксираните земји во Европа, а паниката настана откако омилената докторка на Филипче се расшетувала по работа, по симпозиуми и низ градот со вирусот во себе.

Всушност поради неа, следниот ден, кога се дозна за случајот, неколку професори од „Владо Тасевски“ ги пуштија децата од две-три одделнија дома, а истовремено родителите почнаа самоиницијативно да си ги земаат децата од училиште. Сите родители се организирани преку групи на вибер и една информација во истиот момент ја дознаваат без никаков проблем. Така се дозна дека тројца родители на деца од третто одделение биле на тој симпозиум и лавината на повлекување на децата тргна веќе во 10-11 часот дента. Јасно беше дека никој од нив, а и останатитекои не ја сфатија работата сериозно или немаа можност веднаш да ги земат децата, другиот ден нема да ги пуштат на часови, тоа се расчу и низ другите училишта (претходно, од обичниот грип, од десет отстутни деца половина беа поради превентива), па во таква ситуација мерката од две неделеи прекин на наставата практично беше изнудена. Или поинаку кажано, Филипче и Владата беа принудени да ја донесат мерката, за да не се случи следниот ден срам со празни училници и министер и Влада кои гледаат како да го покријат скандалот со скијачката Цаца.

Така што лавината со поригоризни мерки тргна дури откако се случи тој изнуден од родителите и медиумите прекин на наставата. Тогаш не можеше да се направи ништо друго освен да се стави државата на што подрастичен колосек. Но, на тој колосек ја ставија родителите на децата, јавноста, а не Филипче и Владата. И иако токму децата не спаѓаат во ризичната група, тој потег ја натера и јавноста да си го стави прстот на челото., Но, тука не завршија проблемите со лажното „Корона – Блескаме“.

За да го покрие срамот со Цаца, неколку дена подоцна Владата донесе заклучок дека требало да се почитуваат член 205 и 206 од Кривичниот законик кои го санкционираат неразумното однесување во вакви ситуации со кои се загрозува здравјето на луѓето. И сега, читате, слушате и не ви се верува. Зашто, внимавајте, при постоење на Обвинителство, колку и да е тоа ставено во некој џеб на Заев и се пали и гаси на копче од Муртино, истото тоа Обвинителство, е должно по службена должност да постапува, врз основа на Устав и закон, а не врз основа на заклучок на Владата.

Зашто, замислете утре-задутре, Владата да донесе заклучок дека секој што ќе стори убиство треба да се санкционира, односно да донесе заклучок дека треба да се почитуваат членовите од КЗ кои го штитат животот и телото на секој граѓанин во „оваа убава земја“. Ви звучи ненормално, нели? Вие сте мислеле дека при убиство треба да се постапува автоматски, од Обвинителсвото и од МВР, а ваму испаѓа дека Владата треба да донесе заклучок. И сето тоа поминува незабележано, и кај т.н. експерти (има некој проект од коронова?) и кај јавноста.

А, всушност, заклучокот на Владата треба да ги испере Филипче и неговата докторка, со создавање впечаток дека свесното шетање меѓу луѓе со вирус во себе е казниво од моментот кога Владата донела заклучок, а не пред тоа, значи не и во моментот кога Цаца се расшетувала. Иако, одредбата од 206 од КЗ е јасна: тоа што го стори кожната докторка е казниво, независно од фактот дали во државата е прогласена епидемија или не и независно од заклучокот на Владата. Наспроти тоа, имаме сеопшт молк. А токму тој молк на државата оддава впечаток на несериозност, токму поради тој молк дури 20-тина дена по избувнување на кризата кај нас, луѓето сфатија дека можеби не треба да си дишат в врат еден на друг, дека можеби треба да се носат ракавици и маски… Токму поради тој молк можеби ќе ни треба уште еден месец за, на пример, во Тинекс (за такви како КАМ, Стокомак или помалите маркети и да не зборуваме) или во бутиците да видиме средство за дезинфекција и марамчиња пред да влезот и излезот во маркетот и пред да исчепкате десетина продукти (замислете го бирањето на зеленчук или овошје кога, посебно повозрасните, ќе ги допрат секое јаболко или домат пред да решат кое парче ќе го земат), токму поради тој молк уште ќе чекаме во аптеките газдите како „Зегиновци“ или Силјан на Боки 13 да им набават маски на вработените, токму поради молкот можеби за два месеци ќе ни текне дека денеска требаше да направиме уште нешто што, види белја, сме го заборавиле и ни се протнало. како сопружниците од Дебар поради кои сега цела околија е во карантин.

Оттука, олабавете малку со тоа како Владата лавовски се бори се короната. Нејзината неспособност од првиот момент да ја сфати сериозноста од можноста за ескалација на ситуацијата и во корен да се обиде да ги сосече сите можни извори на вирусот намалувајќи ја со тоа потенцијалната опасност за населението, не доведе во ситуација да нема маски, да нема средства за дезинфекција, да… Никогаш нема да се успее сите луѓе да останат дома, но да одиш во кафуле или ресторан каде никој нема маска и ракавици, вклучувајќи ги и келнерите, а немаат зашто нема од каде да набават, да не ги затвориш границите на време (се сеќавате дека првата мерка на лавовската Влада и на Филипче беше само на аеродромите да проверуваат температура на тие што доаѓаат од кризните подрачја, што денес ни изгледа, и е смешно, па ни помина брачнот пар од Дебар)… и да не е набројувам понатаму, е само доказ за тоа ни Владата ни Филипче немаа доволна претстава за тоа што може да ни се случи.

Веројатно не треба да објаснувам што ќе се случеше ако досега букнеше болеста кај 10-20 лица од симпозиумот, ако таа букнеше кај 10-20 повозрасни со кои тие од симпозиумот имале контакт, па со самото тоа притребаа повеќе од осум респираторни машини колку што сме имале. Да, сето тоа е што би било кога би било, но КЗ затоа постои – тој постои за да ги превенира тие „што би било, кога би било“ ситуации, така што ќе ги санкционира можните причинители на хавариите.

Па така, наместо да добиеме ригорозни мерки од почетокот кои и сопружниците од Дебар ќе ги однесеа во карантин, ние сега доаѓаме во ситуација да се објаснуваме за седење дома и за тоа дали народот бил свесен или не. Па читам, лекари велат – придржувајте се до тоа, за да не дојдеме во ситуација да бираме кого да лечиме. Медицинарите се во право, но ние не моравме воопшто да размислуваме за такви, не дај Боже, можности. Зашто, Италија не почна вчера, Вухан не почна завчера. Ах, да, ете ја сега букната Шпанија, од каде слободно се влегуваше во Македонија.

Но, за што да зборуваме кога сме од држава во која е забрането да гледаш наназад, во која е нормално да не учиш од грешките на другите, а и сопствените кои се направени во минатото, па макар тоа минато било пред еден или два месеци. Гледајте само напред, со тоа што ова напред има и неколку скршнувања, а сите тие можат да ве одведат под апарат за дишење. Посебно во земја во која половина од младите живеат со родителите, па не така ретко во една куќа имаме три, а некаде и четири генерации. Така што, тоа што се случи, благодарение на способноста на „Блескаме“, е всушност поставување на темпирана бомба пред секоја втора куќа во севернава ни татковина на Ферид Мухиќ и Сафет Бишевац, другите да не ги споменувам. Таа темпирана бомба можеби ќе експлодира, можеби не, но во секој случај, тоа што треба да се знае е дека работата тргнала по ѓаволите и дека сега правиот пат е прилично искривен.

Оттука, оладете малку со „Блескаме“, туку зголемете го притисокот, зашто ова не е „едно евро за мебе, едно за црквата“, туку ова е ставање на луѓе на машини за дишење. Патем, има ли Владата план што ако биде потребно прекинот на наставата да се продолжи и по истекот на двете недели. Зошто дури сега се предложи затворање на моловите? Зошто уште минатиот месец не се побарани респираторни машини кои можеби ќе се добиеја и како донација, наместо проектите за куртони и лубриканти? Има уште многу зошто, а меѓу тие многу е и, ќе го притиснете ли и Јовески да почне да си ја врши работата? Зашто оние информации кои Сафетовци ги изнесоа за тоа дека Филипче знаел неколку дена за Цаца и молчел, иако тој ги демантираше и квалификуваше како лажни вести, може и мора да ги проверат само МВР и ОЈО. Се друго е играње играчки и свесно оневозможување на превентивата.

Патем, Србија дури за неколку дена очекува да и се случи експанзија, а Грција веќе се наоѓа на експресната пруга. Таа трансверзала ни е најфрекфентна. План имате уште од сега, или ќе го правите кога некоја Цаца ќе ни се расшета по улиците?