Дарко ЈАНЕВСКИ
Адвокатите на одбраната на денешното рочиште на Титаник побарале изземање на обвинителката од СЈО Лиле Стефанова. Согласно ЗКП (член 38), за барањето на одбраната треба да одлучи Катица Јанева, како шеф на СЈО, односно како непосредно повисок јавен обвинител во хиерархијата на СЈО  (тоа прашање не е уредено со Законот за СЈО, па се применуваат одредбите од ЗКП).
Тоа отприлика значи дека, документите и печатите ќе треба да и ги однесат во притворот во Шутка. Имено формално правно таа се уште е специјален обвинител, односно таа раководи со СЈО и никој друг освен нејзе нема право да одлучи за барањето за изземање на Стефанова.
Е, тоа би сакал да го видам. Службениот автомобил, курирот кој ќе и го однесе барањето на одбраната, другите документи и печатите од СЈО на Катица во притворот во Шутка, службениците кои тој документ
ќе треба да го заведат во архивата на СЈО, па да се однесе во Судот, па судијата кој ќе го прими итн. Комедијантите низ светот можат веднаш да се пензионираат. Џери Луис, Бени Хил, оние од „Ало Ало“… мрвите се превртуваат во гробот, живите се на граница да се самоубијат заради некоја си таму „Норт оф Маседониа“, што би рекла Наташка наша од Битола. 
Нормално, до ваква ситуација не би дошло ако на време, кога укажувавме на тоа, се сакаше да се види дека Законот за СЈО е толку шарлатански што не вреди повеќе од хартијата на која е напишан, а која може да се искористи за виткање тегла на пазар и ништо повеќе. Ама тогаш, чудото и морето од експерти и професори, адвокати, правници со кои располага Македонија, молчеа како…, ај да кажам како рипчиња.
Но, можеби и тие некогаш ќе се сетат, знаете како е, иако, еве по втор пат во последно време ќе го цитирам проф. Марјановиќ кој велеше дека „на будалите отпосле им текнува“! Ако им текне. Некои и до тој стадиум нема да стигнат. Да бидат будали. 
Инаку, и натаму постои проблемот кој се јави кога на едно од претходните рочиште за еден од предметите на СЈО, беше побарано изземање на Јанева. Шутраците немаат поим кој да решава за тоа, па сигурно до сега импровизирале нешто. Знаете како порано се правеше со осигурачите? Ќе ти прегори, а ти ќе го викнеш комшијата и тој ќе стави нови жички. Обично функционираше, но понекогаш и не. И после отишла главната табла или куќата. Е, па отишла.