Дарко ЈАНЕВСКИ

(предупредувачка колумна од 2018 г.)

Ете по кој знае кој пат Зоран Заев не убедуваше (а, Стево Пендаровски Љубави застана зад тоа) дека е факт дека со Договорот со Грција се признавал македонскиот јазик. Со мала „словенска“ фуснота, но по ѓаволите, кому уште му е гајле за фусноти.

Без намера да ги повторувам реакциите кои потоа дојдоа од Грција и од Бугарија, а чија цел всушност е да не уверат каков херој е Заев, додека зад грб со сите сили ги држат прстите за да обезбеди 80 гласа за уставните измени во Собранието, вреди одново да се спомене дека Заев лаже (иако не може човек да постигне и да нотира колку пати тоа го сторил) и дека независно од изјавите од Грците и Бугарите, никаков македонски јазик не е признат. Имено, замката лежи во две нешта – едната е во фуснотата, другата во Договорот со Бугарија каде стои формулацијата „македонски јазик според Уставот“.

Лаиците и оние со „шарен ум“ лесно ќе ја голтнат замката дека тоа што останува формулацијата „македонски јазик“ (повторно да ја споменеме фуснотата) значи потврда дека јазикот е признат и дека ова е еден од доказите дека критичарите на Договорот со Грција не се во право. Ако не се право за ова, зошто би биле во право и за другото, што отприлика значи дека можеби Договоорт е добар и вреди да се прифати. Во крајна линија за конечно да завршиме со целата работа, плус што сме во добиква – ете јазикот ни бил признат, а патем, ниту еден од двата договора не не ограничува на ФБ да се удираме в гради за тоа какви комити сме од десетто колена наназад, па до денешен ден. Што е доволно. За оние кои се свесни дека ова не чини, ама чии душички се собрани во лушпа од оревче, оти нели, овие „се ненормални“, па подобро да молчиш, во друга прилика.

Но, фуснотата го сместува македонскиот јазик во словенската група јазици (нешто што и досега и без фуснота не било спорно), со што му се дава временска рамка. Значи, во најдобар случај, македонскиот јазик можеме да го датираме со корени кои водат некаде до седмиот век. Гледано вака, заклучокот е дека не постоел пред тоа, односно дека луѓето на овој простор пред тоа зборувале на некој друг јазик. Потоа дошле тие со цевчињата кои ги нарекуваме Словени и од јазикот што тие го зборувале потекнува и нашиот.

Ете така Грците го добиват своето. Ние, впрочем тоа и го потпишавме, па и во областа на јзикот немаме никаква врска со времето пред седмиот век. И одеднаш сме пријатели и се сакаме. И тоа многу. Супер. Кој не сака да се сака?

Но, зад аголот не чека, како што сме објаснувале повеќе пати, Договорот со Бугарија. Следи „бугарскиот“ цар Самоил на, и кога на такво нешто ќе се согласите, нормално е дека само по себе се подразбира дека словенскиот јазик станал бугарски. Се друго, не би имало никаква ни човечка, ни било каква друга смисла (хм, има ли друга смисла освен човечка?), со оглед на фактот дека „бугарскиот цар на бугарската Самоилова држава“ секако не зборувал на словенски, уште помалку на македонски јазик. Впрочем, каков бугарски цар би бил тој, ако не зборувал бугарски јазик.

Кој исто така е од групата словенски јазици, но без фуснота. Бугарите се сепак паметен народ, па таквите зацрнувања на буквите на дното од страницата не ги сакаат. Тука се и Кирил и Методиј кои заедно ќе ги славиме, а кои се од Солун. Каков јазик тие зборувале? Не знам, треба да ги прашаме овие од Комисијата на Драги Ѓоргиев, ама одговорот секако ќе биде дека тој јазик не бил македонски. Иако, тие како родени во Солун, главниот град на таа Македонија, бугарски не зборувале по ниту една линија. А, мајчин јазик не им бил ни грчкиот јазик.

Значи, наградното прашње би било: ако сте родени во Македонија, а не зборувате бугарски, ниту грчки јазик како мајчин, кој е вашиот јазик? Знам што би кажале Каракачанов и компанија, знам пто би кажале сите бугарски академици до еден, но, зар и ние да тргнеме по тој ум? Добро, добро, знам – НАТО и ЕУ и чист воздух и 100 000 денари плата. Голема работа за еден јазик.

Но, сепак, да одиме понатаму! Ако основата на нашиот јазик, од словенска, во 9 и 10 век се трансформира во бугарска, нормално, таа линија потоа можете да ја повлечете и до 19. и почетокот на 20. век кога нашите преродбеници и револуционери главно се образувале во Софија, односно во бугарски школи и кога народот во отсуство на македонска црква, односно Охридската архиепископија, одел во бугарски цркви (помалиот дел во грчки). Понатаму приказната ви е позната – следи 1944 година, формирање на македонска држава и кодификација на македонскиот јазик (сето тоа како последица на АСНОМ, кого го исфрламе од Преамбулата, а го внесуваме соопштението од Заседанието, што би било еднакво на ситуацијата во која Американците наместо на Декларацијата за независност, би се повикувале на некаков Проглас од моментот кога Декларацијата е донесена), кој веќе не е бугарски. Но, ете ја Захариева, за да ни каже дека Тито ни го измил мозокот, па така, откако во тоа ќе нипомогнат соседите и нашиот јазик, односно дијалект, ќе си се врати кон матицата.

Оттука, таа фуснота која многумина ќе ја голтнат, всушност значи дека до седми век не нема, од седми век зборуваме бугарски, од 1944 година зборуваме измислен комунистички јазик, а од 1991 година зборуваме јазик „според Уставот на Република Македонија“ (ах Љубченце, Бубе на мајка, за убаво да си трошиш паричките), односно во иднина според Уставот на Република Северна Македонија.

Тоа значи дека тоа е јазик без корен, без минато, односно јазик кој нема своја подлога меѓу народот, туку е наметнат. Како самиот јазик, така и неговото име.

Така што, туку нема што да се додаде и одземе. Приказната со фуснотата е идентична со приказната со „македонски народ“. Тој не постои, а ако тој не постои, не може да постои и македонски јазик, па тамам десет фусноти да напишеме.

Патем, кога сме кај јазикот, еве да напоменам два иредентистички примери:

Оние од Костур, пред стотина години, тешко дека ќе се разбереле со оние од Варна (всушност Костур е далеку – со тие од Варна нема да се разберат ниту оние од Воден и Лерин).

Од друга страна, во 1904 година во Костур Грците го испраѓаат Павлос Мелас, а тој, во една писмо до својата љубов, плачливо вели дека не знае зошто бил испратен таму кога луѓето од селата од околиата на Костур не го разбираат, па не му даваат ни чаша вода. За што се борам, се запрашал грчкот херој Мелас.

Така доаѓаме до фактот (што би рекол другарот Заев) дека тие не зборувале грчки јазик како мајчин, ама не го зборувале ни бугарскиот, исто така како мајчин. Би било лудо да се тврди спротивното, ако веќе не се разбирале со луѓето кои го говорат грчкиот и бугарскиот јазик, зар не? Ако тоа е така, тогаш кој јазик го зборувале тие луѓе?

Но, ова е веќе иредентизам, веројатно платен со руски пари за да се спречи влезот на Македонија во НАТО и ЕУ. Нели?

Шутраци.

(декември 2018)