Дарко Јаневски

Заев вчера истакна дека на челото на новото СЈО, кое би било инкорпорирано во регуларното и уставно Јавно обвинителство (како замена за смешната и рекетарска конструкција од странците на чие чело беше Катица Јанева), но со доза на самостојност, пред се финансиска, би сакал да ја види Вилма Рускоска. Всушност тој не изрази желба, туку ја предложи Рускоска на тоа место, како замена за Катица Јанева.

Првиот коментар на Рускоска беше дека и е чест што ја предложил премиерот, но дека било рано за честитки.

Извонредна љубов меѓу Заев и Рускоска, но приказната засега има еден трн од кој се боцнаа двете наши Трнорушки. Имено, според Предлог-законот за Јавно обвинителство што Министерството за правда на Дескоска се подготвува во понеделник или наредната недела да го испрати во Собранието (допрва се очекува предлог законот на ВМРО-ДПМНЕ), предвидено е првиот човек на ЈО за гонење на организиран криминал и висока корупција да го избира Советот на јавни обвинители од редот на обвинителите (член 65 од Предлог законот).

И тука, ниту Заев ниту Владата имаат било каква формална улога. Неформално, јасно е – Заев ќе им прати абер кого да изберат и членовите на „независниот“ Совет ќе можат да си ги закачат дипломите за нос и да кренат две прста. Но, барем Заев и Рускоска да се криеја.

Е, тоа е Законот што го предлага самата Влада, односно нејзиното Министерство за правда. И ајде што Заев ниту го интересира некаков си закон, ниту има појма од тоа, ама несфатливо е дека Рускоска е горда што премиерот ја предложил иако и да не го знае предлог-законот, сигурно и е јасно дека и според Уставот и според досегашните закони, Владата го предлага Јавниот обвинител на Македонија (функција што ја врши Љубомир Јовевски) но не и останатите обвинители. И дека ова што вчера се случи претставува срам и за Заев и за неа.

Но, таа, ете среќна што Заев ја предложил, побрза да му возврати, со што покажа и дека и во работата нема да ја интересира законот, туку желбата на нејзиниот сакан премиер.

Така што, уште недонесен новиот закон (ќе видиме каква ќе биде неговата крајна форма), Заев и Рускоска покажаа дека тој всушност не ги интересира. Тој е само за да земат хонорари тие што го изготвиле, да си ја заврши работата Министерството за правда и пратениците да земат дневници, а се разбира и патни трошоци, иако малку кој од нив ќе ја погледне содржината.

Патем можете да замислете колку ќе го почитува законот човек кој на местото на ЈО за висока корупција е избран на ваков начин. Всушност тоа се виде веќе преку примерот со Јанева.

Инаку, во предлог Законот на Дескоска е предвидено тој да почне да се применува од 15 септември 2019 година, што покажува дека нив всушност не ги ни интересира тоа што ВМРО-ДПМНЕ ќе го предложи, па потоа да има договарања, па дебата во Собранието итн.

Инаку, Заев сака законот да се донесе во скратена постапка, таков е предлогот и на Дескоска, а за него се потребни 80 гласови, па оние осумте предавници од тимот на Канческа и Крсто Мукоски ќе треба да му завршат работа.

Вилма Рускоска е обвинителката која македонската јавност ја запозна преку процесот за „27 април“ и измислената квалификација за тероризам. Како сега ќе биде избрана кога Заев ја искомпромитира, а таа со две раце ја прими компромитацијата, останува нејасно. Или, пак, јасно е – со нов голем срам за северномакедонското правосудство.