Директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот (АППТ) Љупчо Јаневски вели дека постојано добива поплаки од граѓани за несоодветен третман на голем број наши атракции и локалитети. Една од нив е и опсерваторијата Кокино, каде, како што нагласува, влезницата се наплаќа буквално под круша, на парагон, без да се издава фискална сметка.

Јаневски смета дека институциите под кои е Кокино треба да преземат мерки.

-Во Кокино се наплаќа влез буквално под круша, на парагон блок. Фискална белешка нема.Со влезот не добивате ништо, одите по каллив и прашлив пат, без туристички водич. Не добивате ниту некакви дополнителни инфорамции, истакнува Јаневски за МИА.

Според него, на ваков начин не треба да се тертираат нашите атракции.

-Зборуваме за опсерваторија признаена од НАСА и една од ретките чуда во светот. Мислам дека институциите под кои е Кокино треба да преземат повеќе мерки, да ги следат позитивните практики од други вакви или слични локалитети во регионот. Треба да овозможиме достојно претставување на нашите атракции, потенцира Јаневски.