Цените на нафтата на светските берзи пораснаа минатата недела бидејќи ОПЕК може да го намали производството за да ја балансира понудата и побарувачката. Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела се зголеми за 4,4 отсто, на 100,99 долари, додека на

Цените беа поддржани од пораките од Саудиска Арабија дека водечките производители би можеле да ја намалат понудата за да го балансираат пазарот и да го неутрализираат враќањето на пазарот на иранска нафта во случај на нуклеарен договор. И некои други производители на ОПЕК, вклучително и Обединетите Арапски Емирати, го поддржуваат размислувањето на Ријад за нафтените пазари.

„Се наметнува впечаток дека Саудиска Арабија не е подготвена да толерира пад на цената на нафтата под 90 долари. Шпекулантите би можеле да го протолкуваат ова како покана да се обложуваат на натамошен раст на цената и да не мора да се плашат од нов голем пад на цените“, пишуваат аналитичарите на Комерцбанка во нивниот преглед на состојбите на пазарите. Цените беа поддржани и од падот на залихите на сурова нафта и деривати во САД минатата недела.

Од друга страна, преговорите за иранската нуклеарна програма претставуваат тежина на цените. Договорот ќе ја отвори вратата за враќање на пазарот на санкционираната иранска нафта, што би значело зголемување на понудата во услови на слаба побарувачка.

Поради екстремно високата инфлација, централните банки на западните земји со месеци ги зголемуваат каматните стапки, што ќе го забави растот на економиите, а со тоа и побарувачката на енергетски производи.

За да се избори со највисоката инфлација во последните повеќе од 40 години, американската централна банка од март ги зголеми каматните стапки за 2,25 процентни поени, а сосема е јасно дека ќе ги зголемат и во септември. Прашање е само за колку, 0,50 или 0,75 процентни поени.

Во петокот, претседателот на ФЕД, Џером Пауел, на конференцијата на централните банкари во Џексон Хол, изјави дека на економијата извесно време и треба цврста монетарна политика за да ја стави инфлацијата под контрола.

И Европската централна банка порача дека наскоро уште поагресивно ќе ги зголеми каматните стапки и покрај можна рецесија, бидејќи инфлацијата во еврозоната е на рекордно ниво. Дополнително, на цените негативно влијае и силниот долар, што ја прави нафтата поскапа за купувачите во други валути.