Дарко ЈАНЕВСКИ

“Пинџур, освен што го кажа своето име, не сакаше ништо друго да каже. Поради тоа го тепавме. Го тепавме јас, Тенјо Рајков, Илија Николов, Андон Донев, Тодор Маринов… Го тепавме со гумена палка по табаните и по целото тело, кој каде можеше, удирајќи го со клоци по грбот и стомакот, а два-три пати сме му ги ставале нозете во вода и потоа продолжувавме со тепањето. Два дена беше непрекинато тепан. Во мноrу тешка состојба беше вратен во ќелијата. Другиот ден попладне го испратив Тодор Маринов да го повика на сослушување. Се врати и рече дека Пинџур умрел во ќелијата. Јас отидов во ќелијата да го видам. Го најдов како лежи со пена што му избиваше од устата”.

Ова е сведоштвото на началникот на бугарската Обласна полиција во Скопје, Љубомир Јорданов, за смртта на Страшо Пинџур, народен херој на Македонија, учесник во НОБ.

Уапсен е на 19 декември 1942 година, умрел во затворот на 4 јануари 1943 година. Гробот не му се знае.

Што е различно кај него од другите македонски револуционери во Втората светска војна? Имено, во расподажбата на Македонија на Грција и Бугарија, сега актуелно е повикувањето и на Бугарите и на „северномакедонците“ на документи според кои Гоце и другите се изјаснувале како Бугари, па оттука тие се Бугари кои се бореле за слободата на Македонија. Каква врска има тоа со Страшо Пинџур? Има!

Имено, еден од водачите на Тиквешкото востание е Диме Пинџуров, син на баба Наца и татко на Страшо Пинџур. Не е спорно дека востанието имало пробугарски карактер, зашто востаниците биле свесни дека самите не можат против Србија, па се надевале дека во нивната борба ќе добијат помош од Бугарија. Настрана тоа што додека востанието траело водачите се собрале во Струмица и делеле кметовски (градоначалнички) места меѓу себе, од што Диме Пинџуров бил шокиран.

Неговата мајка, пак, Наца, баба на Страшо Пинџур, за која сега и Бугарите и Заевци тврдат дека е Бугарка, е жена која ги криела Гоце, Даме и Тоше. Член на ВМРО, организација која се бори за автономна, па самостојна Македонија.

Родната куќа на Пинџур, денес претворена во меморијален музеј и заштитена како споменик на културата

Нејзин внук, и син на „Бугаринот“ Диме е Страшо Пинџур, како што видовме, убиен од Бугарите во 1943 година како Македонец и комунист. Но пред се како човек кој се бори за Македонија со население кое има македонско национално чувство. Јасен ви е сега апсурдот? Зарем Страшо одел против националноста на неговиот татко или неговата баба? Или обратно, зарем баба Наца и Диме се откажале од внукот и синот заради тоа што станал Македонец, вештачка творба наспроти нивното „бугарско“ национално чувство? Како тоа ќе го ставите во калап со кој во исто време ќе бидете добри со Бугарите, Србите и Грците? Зарем Страшо немал корени, немал татко, па е вештачка творба на комунистите?

Значи да резимираме:

И нашата историографија од времето на комунизмот, па и по него, ова востание го сметаше за пробугарско и до пред 20-тина години речиси не знаевме ништо за него. Ако тоа востание е пробугарско, неговите водачи и учесници се Бугари. Сосема јасно. Во Бугари по националност се сместени и таткото и бабата на Страшо Пинџур.

Арно ама, Страшо умира како Македонец. Тој се бори се ослободување на Македонија од бугарската власт, на која Македонија и е дадена на тацна од страна на Германија на Адолф Хитлер како цена за сојузништвото во Втората светска војна. Тоа е таа Германија поради чиј нацизам загинаа најмалку 50 милиони луѓе, од кои десетина милиони во концентрациони логори.

И сега ние треба да прифатиме, според толкувањето на историјата на Заев и неговите нафатирани загари, дека Страшо Пинџур се откажал од своите татко и баба за да се бори за вештачка националност која е креирана по налог на Тито, а која ете, велокудушно, Бугарите и Заевци денес ни ја дозволуваат како реалност?