Министерството за култура со ова соопштение повикува на насилство и терор врз мене како уметник и насилство
и терор врз филмот ,,Ругање со христос,, како уметност! Ова ,,комунике,, напишано во недела на 2-ри септември е вовед во фашизам во Македонија. Министерството за култура ме обвинува замислете за ,,идеолошка малверзација“! Со такви обвинувања за ,,идеолошка застранетост,, во 1936 година Хитлер го започнал прогонот врз модерната уметност во Германија, Сталин големите чистики, а во 1949 година со таа реченица луѓе биле праќани на Голи Оток! Ова е Макартизам од најдолен вид!
Македонското министерството за култура без око да му трепне јавно објавува дека ќе ,,воведе контрола врз цитирам: темите, идеите и пораките што ги испраќаат овие филмови“! Ова е директно и недвосмислено ограничување на правото на слободен говор и тоа за уметничко дело кое дури и не е покажано јавно во целост.
Залудно ќе редам фрази затоа што знам дека немате ни срам ни перде, ниту сте пораснати во умот и снагата за да се носите со ситуацијата во која што сте. Не ви е гајле. Ви ја разбирам силата. Зад министерот и неговиот став очигледно е дека стои неговата партија, премиерот, Владата и ,,меѓународната заедница“ кои прават се во мојата земја да завладеат европски вредности и стандарди! Среќна европска слобода на уметноста!
Патем, тврдам дека во филмот не се навредени никакви чувства на никој народ затоа што на филм карактерите не се колективни-народи, туку индивидуалци со нивните ставови и постапки!
Ја повикувам и подржувам Агеницјата за филм како независно тело да застане во одбрана на својата независност од политика и да се стави во заштита на филмот, филмаџиите и нивната творечка слобода!
Барам медиумите да застанат во одбрана на нашиот филм ,,Ругањето со Христос“ и правото на слободно изразување на идеи, мисли и ставови.
Ова работа така започна и кај ,,илјадагодишниот рајх“: Прво со уметниците на крајот со Евреите!
И, немојте да пишувате во инбокс закани, па после да ги бришете! Не ви се плашам воопшто! Прашајте се што ве интересира, ќе ви одговрам. На крајот, цивилизирано е да купите билет, да отидете во кино и да не се согласувате со ништо со тоа што ќе го видите на платното. И се разбира доколку мислите така, јавно да дебатирате за се, без да ми се заканувате со разни УЧК искуства и принципи!
Среќна слобода! Ви посакувам да владеете толку долго колку што ќе биде доволно еден цел живот да се срамите од ова!
Ова е јавното обраќање на режисерот Јани Бојаџи. Претходно, Министерствоо за култура објави, како што пренесе Макфакс, дека филмот е „без никаква уметничка вредност“ и дека ги навредува чувствата на граѓаните:
„Агенцијата за филм е независна институција од Министерството за култура и заедно ги осудуваме решенијата на претходните гарнитури кои финансирале проекти без никаква уметничка вредност и кои ги навредуваат чувствата на граѓаните, се наведува во соопштението на Министерството во врска со, како што велат, скандалозниот филм „Ругање со Христос“, финансиран од Aгенцијата за филм во 2015. година.
Од Министерството информираат дека се подготвува ново законско решение кое ќе ги спречи ваквите злоупотреби во иднина и ќе овозможи контрола врз темите, идејите и пораките што ги праќаат филмовите.
„Министерството и Агенцијата за филм потенцираат дека ова е последен пат со парите на граѓаните се снимаат филмови кои ги навредуваат истите тие граѓани. Такви тенденциозни играња со историја, настани кои наштетуваат на соживотот и животот на граѓаните, финансиери на истите дела, веќе нема да најдат поддршка“, стои во соопштението, во кое се наведува дека Агенцијата за филм веќе започнала голем број на постапки за проекти финансирани во минатото.“