Звонимир ЈАНКУЛОВСКИ

Знаењето, интелигенцијата и мудроста оддамна не се столбовите на општествениот напредок на Македонија. Знаењето престана да биде приоритетно како општествена вредност. Наместо да се смета за суштинска сила за човечки напредок, интелигенцијата стана непотребна, елитистичка, па дури и сомнителна. Со претходната влада се легитимираше омразата кон експертизата, додека се вреднуваа луѓето кои не знаат многу. Па така, во јавниот дискурс експертизата се отфрла, интелектуализмот се исмејува, а потрагата по подлабоко разбирање често се среќава со апатија или непријателство. Како што се покажa досега, луѓето кои се способни да ја искористат моќта на глупоста на другите луѓе можат да имаат огромно влијание. Не мора да се прашуваме до кој степен наводно глупав лидер намерно ги поттикнува своите следбеници кон глупост. Го видовме тоа и живеевме седум години. Бевме сведоци како македонското современо општество се оддалечи од вреднувањето на длабокиот интелектуален ангажман, што не е само академска грижа, зашто има длабоки импликации за науката, управувањето, образованието, па дури и за личното донесување одлуки. Кога интелигенцијата повеќе не се цени, способноста за решавање проблеми, иновации и донесување информирани одлуки еродира.

Повеќето се согласуваат дека глупоста е примарен двигател на незнаењето, а здравиот општествен поредок може да дејствува како пречка. Македонија оддамна е заболено општество – македонското општество е претворено во перформативна ехо комора на глупоста, а незнаењето е меѓу највознемирувачките карактеристики на нашата културна сегашност. Глупоста стана не само прифатлива, туку и модерна, што го потврдуваат јавните лидери кои ја оспоруваат основната наука и кои се фалат дека никогаш не прочитале книга. Ова е одраз на поголема општествена промена, а не само на индивидуално однесување. Македонија со вакви лидери стана бизарно општество каде што функционалната глупост вклучува тесно размислување и каде што воспоставените рамки се прифаќаат некритички. Функционалната глупост во Македонија стана моќен институционализиран одбранбен механизам зашто поддржува хиерархија и авторитет. На тој начин луѓето се спречени да поставуваат премногу прашања, или да истражуваат што сакаат да остане скриено. Проблемот кај нас е што никој не сака да се смета за глупав. „За да ја препознае својата глупост, мора да биде паметен“, вели Џефрис. „Ако си глупав, веројатно нема да препознаеш дека си“.

Падот на интелегенцијата е најочигледен во современата политика. Македонската политика не е исклучок – напротив. Во минатото политичарите беа почитувани поради нивната елoквенција, државнички дух и политичка експертиза. Денес, аргументите и идеите се заменети со фрази и слогани. Политичарите кои се повикуваат на емоции и племенска идентификација се фалат како пристапни, додека оние кои изнесуваат длабински аргументи засновани на докази се сметаат за „елитистички“ или „недостапни“. И електоратот е се’ помалку склон да бара тежок, поучен материјал, склон да следи идеолошки контролирана содржина што поддржува претходно постоечки мислења. Наместо мисла, имаме мислење; наместо аргумент, имаме новинарство; наместо полемика имаме профили на личности; наместо углед, имаме слава. Овој менталитет на поданичка култура на мислење го демонизира несогласувањето и промовира едноставност, што создава средина каде што интелигенцијата се смета за закана. Со смртта на интелигенцијата имаме културен пад на општеството во кој идиотизмот не само што е прифатен, туку и се слави. Македонија е најдобар пример дека глупоста во политиката не е хендикеп. Тајната на политичарот кај нас е да изгледа глупаво како неговата публика, за да можат овие луѓе да веруваат дека се паметни како него.

За да ја надминеме глупоста во политиката, мора да ја разбереме перспективата на „празноглавците“ таму. Зашто „политичките морони“ фрустрираат? Моронот е некој што ништо не знае, не е способен за ништо и не бара ништо, но кој сепак може да биде соучесник во штетата на општеството. „Политичките морони“ се оние „корисни идиоти“ кои безумно повторуваат слогани што не ги разбираат, не додавајќи ништо вредно. Уште полошо, тие често не успеваат да ја сфатат штетата што ја предизвикуваат, станувајќи алатки во рацете на корумпираната власт. Справувањето со мороните во политиката е како расправа со слогани. Застанете пред билборд или банер и обидете се да размислувате со него. Очигледно на секоја власт е потребно незнаење, па затоа многу луѓе несвесно ја поддржуваат глупоста, овековечувајќи ги силите против свеста кои ја одржуваат контролата. Политиката ги направи своите избирачи оружје на сопствената глупост. Затоа, нема лесна одбрана од глупоста во политиката. Како да слушам дека политиката вреска: „Ја сакам мојата глупост! Оставете ме на мира!“. Што можете да направите кога вашите напори ќе наидат на глуви уши? Дали да ги оставиме да потонат во својата глупост, а, за жал, и ние со нив. Можеби поважно, сите ние треба – без оглед на нашите политички преференци – да ја признаеме нашата сопствена ранливост на искушението да се впуштиме во глупаво расудување и да работиме на заштита од тоа.

Зашто кога интелигенцијата молчи глупоста презема.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес