Во интервју за словенечката национална телевизија, Јанша директно го призна европското лицемерие кон Западен Балкан и како што оценува, опортунизмот кај дел од клучните земји членки.
-Еден од лидерите, не би му го кажал името, a доаѓа од јадрото на земјите во ЕУ, во една дебата дури рече „зошто да ги внесеме во ЕУ, кога се толку евтини како работна сила. Постои одредена доминација на некои себични, тесногради, би рекол и националистички интереси на некои земји, кои се претставуваат како нешто друго, изјави Јанез Јанша, премиер на Словенија.
„Еден од стратегиските успеси е што проширувањето го вративме на маса како еден од клучните стратегиски проекти на ЕУ. Но за тоа беа потребни многу расправи“, кажа Јанша за Словенечката телевизија.
„Во тие расправи многу пати кажав дека по сè што доживуваме на истокот и што во последните децении го гледавме на Балканот треба да биде јасно дека ЕУ мора да се шири со што се шири просторот на слободата и благосостојбата. Треба да се ослободиме од илузијата дека нештата ќе се решаваат сами по себе, а ако не се шири ЕУ, ќе се шири некој друг“, кажа Јанша.
Јанша истакна дека на тие состаноци во Брисел постигнал во документите на Европската Унија наместо „европска перспектива“ на европските држави надвор од ЕУ повторно да се внесе „перспектива на членство“, на што според него се противеле и некои од постарите членки, основачки на ЕУ.
За два дена Франција од Словенија ја презема европската палка. Нервозата поради бугарското вето е евидентна и кај соседна Албанија, која е во преговарачкиот пакет со Македонија. Премиерот Еди Рама денеска порача дека Тирана нема намера до недоглед да зависи од вољата на Софија.
-Aко на крајот на француското претседателство, односно по првите шест месеци од следната година, Бугарија реши да стави вето, ќе бараме да бидеме одвоени од Македонија., изјави Еди Рама, премиер на Албанија.