Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и шеф на Републичкиот изборен штаб на партијата Игор Јанушев во интервју за МИА зборува за финализирање на програмата на ВМРО-ДПМНЕ за претстојните предвремени парламентарни избори на 12 април и кампањата, која, главно, ќе се одвива во директни контакти со граѓаните и преку социјалните медиуми. Во тек е изборот на кандидатите за пратеничките листи, а според Јанушев, на листите на ВМРО-ДПМНЕ ќе има некомпромитирани кадри кои ќе се борат за обнова и за подобар живот во Македонија.
-Најдобрата кампања е непосредниот однос со граѓаните. Ќе го преферираме директниот контакт и посетата на населени места. ВМРО-ДПМНЕ нема да се расфрла со скапи кампањи и во рамките на своите можности ќе настапи пред граѓаните, но сериозно големо внимание ќе посветиме на суштината, а тоа е понудата на проекти и реформи кои треба да се спроведат, истакна Јанушев.
Постапката за избор на пратеници е во тек, вели генералниот секретар на опозициската партија, кој засега не сака да споменува имиња, но вели дека „ќе има многу нови кадри, но ќе биде застапено и искуството“.
-Заеднички именител ќе биде тоа што понудата за пратеници ќе биде таква каква што на граѓаните им е потребна и каква граѓаните бараат. Со интегритет, чесни, со искрени намери да работат за Македонија. При изборот важни ни се анкетите кои континуирано ги работиме, но и мислењето на базата односно општинските комитети кои постојано се на терен. Ќе имаме некомпромитирани кадри кои со срце ќе се борат за обнова и подобар живот во Македонија. Обновата ќе ја донесат луѓе со кредибилитет за кажаниот збор. Тоа е нашата обврска, истакнува Јанушев.
Партиската програма за следните избори е во финална фаза, а главниот фокус ќе биде посветен на економијата.
Господине Јанушев, партијата веќе ги започна активностите за подготовка за предвремените параламентарни избори што треба да се одржат во април. Како се одвиваат средбите со граѓани?
Постојано тимови на ВМРО-ДПМНЕ се на терен, по градовите, селата, населените места. Активно се спроведуваат паралелните акции „Обновата пред вашиот дом” како и „Мицкоски со граѓаните”, а истите тие претставуваат континуитет на претходните акции и нашето постојано присуство на теренот. ВМРО-ДПМНЕ не смее и нема да биде салонска партија затворена во четири ѕида како што е владејачката СДСМ. Реалноста е таму на терен помеѓу граѓаните, да се слушнат нивните проблеми, нивното гледање на работите и заеднички да се дојде до решенијата. Незадоволството е огромно од она што се случува во нашата земја и би рекол е наталожувано со години, но кулминира со неодговорната влада на Заев која нема слух за она што му треба на народот. Ваквите теренски посети се практично и финализирање на нашата програма која ќе биде интерактивен концепт на нудење на реални решенија кон кои ќе се обврземе. ВМРО-ДПМНЕ со гордост го носи епитетот народна партија затоа што граѓаните се најдобриот показател за тоа колку се исправни политиките. За жал, во последниот месец имаме и меѓународна потврда на неуспешните политики. За само месец до два државата беше прогласена за хибриден режим што е на чекор до авторитарен режим. Потоа излезе Транспаренси која ја стави државата меѓу најкорумпираните во Европа, па Економист кој кажа дека сме 8-ми во светот по одлив на мозоци надвор од државата, за да не прогласи и меѓу првите 10 земји во светот по најголема невработеност на младите. Да не зборам за ММФ кој во извештајот го кажа она што добро го знаеме, а тоа е дека народот живее на кредити. На народот му треба шанса и надеж, и вртење на нов лист. Ние тоа заеднички ќе го донесеме преку обновата кон која се обрзуваме, која не е обична парола, туку насушна потреба на Македонија.
Каква изборна кампања ќе има ВМРО-ДПМНЕ? Дали ќе организирате митинзи, средби со граѓани, колку ќе се користат социјалните медиуми…
Најдобрата кампања е непосредниот однос со граѓаните. Ќе го преферираме директниот контакт и посетата на населени места. ВМРО-ДПМНЕ нема да се расфрла со скапи кампањи и во рамките на своите можности ќе настапи пред граѓаните, но сериозно големо внимание ќе посветиме на суштината, а тоа е понудата на проекти и реформи кои треба да се спроведат. Во ситуација кога имаме извесна спрега на власта со одредени медиуми и скапа медиумска кампања на власта, а ќе ве потсетам дека проценките се дека во месец јануари по пазарни услови СДСМ потроши околу еден милион евра за реклами, најдобар начин да допрете до граѓаните е преку средби и непосреден контакт. Воедно народот на терен најдобро ќе ви каже дека не верува во розовите очила кои ги става владата. Социјалните медиуми ќе бидат исто така нашиот канал со кој ќе допреме до граѓаните.
Кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ја објави програмата за предвремените избори и кои се главните столбови на оваа платформа?
Во финална фаза сме на подготовка, а дел од проектите се готови и претседателот веќе промовираше дел од нив. Проектите се изработени со помош на универзитетски професори, практичари од реалните области и користење на знаења од странски експерти. Главниот фокус ќе биде посветен на економијата. Па така ќе овозможиме зголемување на просечните плати за 25 проценти во еден мандат, зголемување на пензиите за 20 проценти. Ќе донесеме пад на невработеноста под 10 проценти, што ќе значи едноцифрена невработеност. Ќе ги намалиме даноците, освен тоа што ќе го задржиме рамниот данок од 10 проценти тој ќе го намалиме на 8 проценти. Воедно ќе имаме пакет за домашното стопанство со намалување на парафискални давачки што се стотици на број, ќе се обврземе за четири милијарди евра домашни и странски инвестиции, и многу други мерки кои ќе бидат дел од програмата. Исто така посебен дел ќе посветиме и на правото и правната држава и борбата против криминалот и корупцијата. Доаѓа време кога криминалците треба да се плашат од правдата и она што ќе биде наша посветеност за апсолутна правда. Ќе имаме и многу суштински мерки за екологијата и заштитата на здравјето на граѓаните и животната средина. Ве уверувам дека ќе ја имаме најреалната и најдобрата програма која ќе понуди решенија за проблемите.
Како се одвива постапката за избор на новите пратеници и колкумина од старите пратеници ќе бидат на листите?
Постапката за избор на пратеници е во тек. Не би одел со имиња, туку би кажал дека ќе има многу нови кадри, но ќе биде застапено и искуството. Заеднички именител ќе биде тоа што понудата за пратеници ќе биде таква каква што граѓаните им е потребна и каква граѓаните бараат. Со интегритет, чесни, со искрени намери да работат за Македонија. При изборот важни ни се анкетите кои континуирано ги работиме, но и мислењето на базата односно општинските комитети кои постојано се на терен. Ќе имаме некомпромитирани кадри кои со срце ќе се борат за обнова и подобар живот во Македонија. Обновата ќе ја донесат луѓе со кредибилитет за кажаниот збор. Тоа е нашата обврска.
Елизабета Вељановска Најдеска за МИА
фото Дарко Попов