Санае Такаичи, која вчера беше избрана за нова премиерка на Јапонија, станувајќи првата жена на чело на Владата во историјата на земјата, привлекува внимание поради своите музички склоности, додека политичките коментатори ги истакнуваат нејзините „челични“ конзервативни политики и ја споредуваат со поранешната британска премиерка Маргарет Тачер.

Новата „железна дама“ на Јапонија, имено, отворено признава за својата страст кон хеви-металот и бендови како „Ајрон Мејден“, „Дип Парпл“ и „Икс Јапонија“, пренесе „Си-би-ес“ (CBS).

Во интервју за радиото „Токио ФМ“, Такаичи рече дека сè уште редовно ги слуша „Ајрон Мејден“, но нејзиниот омилен „металец“ е јапонскиот тапанар Јошики – основач на бендот „Икс Јапонија“. Таа и свири на тапани и гитара уште од студентските денови, па вели, најчесто за „ослободување од стрес“ – сè уште користи електронски тапани во својата парламентарна резиденција.

Нејзината омилена песна за опуштање е „Burn“ од „Дип парпл“.

– Кога мојот сопруг ме нервира, ги вадам палките и свирам додека тој спие, рече на шега премиерката.

По победата на парламентарните избори, Такаичи соопшти дека нејзиниот мандат ќе биде посветен на „економската сила на Јапонија, одбранбената стабилност и културниот идентитет“.

Покрај музиката, Такаичи е голема љубителка и на мотоцикли и боречки вештини. На нејзината официјална политичка страница се прикажани фотографии од нејзините помлади денови, додека возела мотоцикл „Кавасаки З400-ГП“. Уште повеќе, јапонските медиуми објавуваат дека таа е членка на Собранискиот мотоциклистички клуб.

Таа има и црн појас во карате, иако во овој миг не се знае дали сè уште активно тренира.

Фото: Официјална страница на Санае Такаичи