Во Хирошима денеска е одбележана 77-годишнината од американскиот нуклеарен напад врз градот, а на церемонијата беа испратени предупредувачки пораки за повторното трупање нуклеарно оружје и изразен страв од уште еден таков напад во екот на војната во Украина.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, учествуваше во молитвата во Паркот на мирот во Хирошима и оттаму кажа дека по три четвртини век мора да се запрашаме што сме научиле од денот кога нуклеарниот облак надвисна над овој град, во 1945 година.
-Нуклеарното оружје е глупаво. Тоа не гарантира никаква безбедност, само смрт и уништување, рече Гутереш.
На 6 август 1945 година, САД ја фрлија првата атомска бомба во светот врз Хирошима, уништувајќи го градот и убивајќи 140.000 луѓе.
Три дена подоцна, САД фрлија и втора бомба врз Нагасаки, убивајќи уште 70.000 лица.