Легализацијата на употребата на канабисот може да има економска бенефиција за граѓаните, за земјоделството и за државата. Земјоделците од канабисот може да произведуваат добиточна храна, биодизел, пелети и лекови, додека државата од оданочување на канабисот за медицинска употреба може да генерира значителни средства.
Ова беше разговарано на јавната расправа што се одржа минатата недела во рамките на парламентарната Комисија за економски прашања во Собранието и на која учествуваа пратеници, адвокати, професори, експерти и претставници од граѓанскиот сектор.
Канабисот може да донесе стотина милиони евра
Конопот, што не содржи ТХЦ-материја, треба да се дозволи земјоделците да го садат и да им го продаваат на оператори, кои од него може да екстрахираат ЦБД-масло. Според сегашните законски решенија во Македонија полесно е да се сади афион отколку коноп, додека државата, пак, сè уште дава субвенции за садење тутун. Земјоделците од канабисот може да произведуваат добиточна храна, биодизел, пелети и лекови.
Според Филип Секуловски од НВО „Бивиум“, легализацијата има голем економски потенцијал и може многу да помогне за подобрување на економската и социјалната слика во Македонија.
– Со измената на законот од 2016 година Македонија може да се пофали со 16 компании што работат или се во фаза на подготовка. Потенцијалот на овој сектор во услови на донесена добра законска регулатива на среден рок, за некои четири до осум години, би можел да достигне бројка од стотина милиони евра, рече Секуловски.
Според Емилија Котевска, која живее и работи во Полска како интернист и невролог, со дозволувањето на медицинската марихуана од декември 2018 година Полска месечно има потреба од еден тон марихуана.
– Милион пациенти од 43-милионска држава чекаат на лекување што Владата на Полска го дозволи. Тоа мислам дека е еден предизвик на Македонија. Осум килограми што стигнаа преку една канадска фирма во Полска се потрошија во рок од една недела, значи каква е потребата нема потреба да зборувам, рече Котевска.
Котевска е потпретседателка на Балканско-полската стопанска комора и една од првите што извадиле дозвола за одгледување медицинска марихуана во нашата земја.
– Јас ја посадив минатата година и сфатив дека направив многу грешки. Тој што произведува медицинска марихуана мора да ги запази сите услови како при фабрика за лекови. Затоа денеска имаме многу произведена марихуана во Македонија, сите фирми успеале, но никој не продал. Никој од нив не изнел од Македонија едно кило масло или сува материја, вели Котевска.
Смета дека е многу тешко македонскиот продукт да биде продаден во Европа и дека државата сега мора да ги спреми законите за ИСО и добра практика на одгледување (ГМП) доколку сака да оствари бенефиција од канабисот.
– Денеска еден хектар засадена марихуана дава исто толку целулоза како и четири хектари шума. Марихуана расте три месеци, шума расте 20 години. Многу индустрии може да се развиваат при производство на коноп. Тоа мислам дека е иднина на Македонија. Треба да има квалитет. Европа бара квалитет, без разлика дали се тоа јаболка, домати или марихуана, вели Котевска.
Олеснување на пазарот за производи на база на канабис
Ѓоше Стефков, професор на Фармацевтскиот факултет и раководител на Институтот за фармакогнозија, кој се занимава со лековити растенија, нагласува дека на страницата на Малмед агенцијата за лекови е закачен водичот за ГМП, како и дека факултетот веќе има дозвола од министерство за научен тригодишен проект на истражување во областа на канабисот.
– На нашиот факултет имаме лабораторија која е со дозвола и веќе почна да прави анализа на препарати, кои ние во рамките на проектот ги водиме како непознати, за да видиме што има внатре, изјави Стефков.
Посочува дека моментално само пазарот на ЦБД е етаблиран и во Европа и во светот, додека пазарот на ТХЦ има многу шпекулации.
– Кога станува збор за ЦБД, имаме берза. Имаме 8.500 евра, се знае точно производствениот процес и тоа е еден етаблиран пазар. Не ми е јасно зошто сите што влегуваат на овој пазар веднаш почнуваат со сорти со ТХЦ, а не обрнуваат внимание на ЦБД, вели Стефков.
Во однос на олеснувањето на пуштањето на пазарот за препарати на база на канабис, посочи дека не треба да се користи лек, туку препарат, бидејќи во ниедна европска земја, освен неколку препарати кои се нарекуваат лекови и за кои има клинички студии, сè друго има поинаква дефиниција, која е предложено да биде ставена во законот за лекови.
– Не станува збор за лек, туку за производ на база на канабис за медицинска употреба на луѓе. Понатаму следува дека е препарат или друг вид производ што содржи канабис, канабис смола, канабиноиди или деривати и се користи за медицинска употреба за превенција, олеснување или претставува состојка база за производство на лек, подвлекува Стефков.
Канабисот помага во ревитализација на почвата
Професорката Силвана Манасиевска-Симиќ од Земјоделскиот факултет во Скопје вели дека, освен за индустриско производство на платно, текстил и за бои и лакови, канабисот може да се користи од еколошки аспект.
– Пластиката нè задушува. Самата пластика многу тешко се разградува додека, за разлика од нив, конопот, кој е една од занемарените култури, е биоразградлив. Едно е да направите материјал од јажиња и платно од нешто што е растение и биоразградливо, отколку да го направите тоа од пластика, вели Симиќ.
Посочи дека заедно со професорите Татијана Миткова и Миле Марковски учествува на еден проект поврзан со фиторемедијација, односно загадување на почвите.
– Во Велес, каде што се присутни тешки метали, имаме проект што го работиме со Окта, каде што работиме со нафтени деривати, а може да бидат и хемиски елементи, како што е линданот и други. Има испитувања дека може да се користи канабисот и за фиторемедијација. Значи, за чистење на почвата од вакви тешки метали, поради создавање на јака коренова маса, која ги извлекува од почвата токму овие полутанти, и може да ја чисти самата почва, изјави Симиќ.
Во однос на медицинскиот аспект, нагласи дека за време на предавање со експерти од Хрватска било посочено дека марихуаната има 600 пати повеќе антиоксиданти од боровинката.
Легализација на марихуаната за поефективно управување со полициските ресурси
Пратеникот Павле Богоевски од криминалистички аспект нагласи дека државите што ја промениле својата политика во однос на канабисот од аспект на декриминализација веднаш бележат поефективно управување со полициските ресурси.
– Сметам дека државната казнена политика треба да биде променета кон употребата на марихуаната. Треба да биде предвидена одредена количина марихуана што ќе биде сметана како количина за една употреба и доколку не биде пакувана во одделни пакетчиња наменети за продажба на мало да не биде сметана како основа за утврдување намера за дистрибуирање и тргување со тој канабис, рече Богоевски.
Доколку зборуваме за легализација, што е еден чекор понатаму од декриминализација на канабисот, може да кажам дека државите што го имаат направено тоа веднаш бележат огромни дополнителни приходи во својот буџет.
– Приходи што понатаму ги употребуваат во издигање на јавната свест. Одат во насока на доопремување на полициските станици и во буџетите на јавните обвинителства. Легализираната марихуана ги прави институциите на прогонот поефективни, поефикасни и поопремени да се справат со вистински опасните облици на трговија со дрога и психотропни супстанции, истакна Боговски.
Сојузната американска држава Мичиген, на пример, го оданочи рекреативниот канабис со 10 проценти и во 2017 години генерира 737,9 милиони долари, средства што се доволни за четири години да го исполнат буџетот на сите полициски станици во таа држава.
МИА