Синдикатот на албанскиот јавен транспорт  објави дека автобусите нема да продаваат месечни карти за август поради поскапувањето на горивата во услови на економска криза, пишува на веб-страницата „Егзит“.  

Операторите побараа од владата нов антикризен пакет за да ги субвенционира бидејќи цените на горивата остануваат високи.

Велат дека доколку тоа не се случи и ако не им се дозволи да ги поскапат билетите, оваа услуга ќе мора целосно да се затвори.

Претходниот пакет помош беше во вредност од 5 милиони долари и беше искористен за субвенционирање на трошоците за гориво по литар за лиценцирани градски, приградски и меѓуградски линии за три месеци.  

– Синдикатот за јавен превоз бара итна интервенција од Владата, да одобри субвенции за продолжување на антикризниот пакет или, доколку тоа не се случи, да одобри зголемување на цените на билетите за да може услугата да има профит. Доколку владата не одговори, операторите нема да можат да нудат месечни билети (претплати) за август 2022 година, што може да доведе до наше затворање, велат превозниците.  

Ријин Кошја, претседател на Градскиот транспорт, рече дека пакетот за субвенционирање на гориво истече во јуни, а операторите не можат да се справат со зголемувањето на цените на горивото во последниот месец.  

– Сите оператори на јавен превоз финансиски не можат да си ги дозволат високите цени на горивата. Ние сме против зголемување на цените на билетите за граѓаните, но доколку секторот не продолжи да се субвенционира, доколку нема друг антикризен пакт, последиците од немањето поддршка ќе бидат банкрот на компаниите, нагласува тој.