Речиси 7 од 10 Грци го оценуваат „веројатно негативно“ или „сигурно негативно“, Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција, според истражувањето на агенцијата MRB спроведено меѓу 22 и 29 јуни годинава, преку директни интервјуа со вклучени 2.000 граѓани со право на глас.
На прашањето „Врз основа на она што го знаете, она што го имате слушнато, што го имате прочитано, како во целост го оценувате договорот што го потпиша грчката влада со ПЈРМ?“, позитивен одговор одбрале само 12,8 отсто, 3.5 отсто рекле сигурно позитивно, 9.3 отсто веројатно позитивно, додека пак 68.3 отсто од испитаниците одговориле негативно. Од нив 48.4 отсто го оценуваат сигурно негативно договорот, а 19.9 отсто веројатно негативно.
Како што јави МИА од Атина, од испитаниците било побарано да дадат позитивна или негативна оценка на одредени делови од договорот, како на пример:
„Новото име на соседната земја ќе биде Република Северна Македонија и ќе се користи ерга омнес“ – оваа точка 16.2 отсто од анкетираните ја оценуваат позитивно, 62 отсто негативно.
„Државјанството на жителите на соседната земја ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија“ – оваа точка 15 отсто од анкетираните ја оценуваат позитивно, 64.4 отсто негативно.
„Јазикот на соседната земја е македонски јазик, што нема никаква врска со јазикот на античките Македонци“ – оваа точка 19.3 отсто од анкетираните ја оценуваат позитивно, 56.4 отсто негативно.
„Врз основа на Договорот, ПЈРМ за сите споменици и јавни објекти што се поврзани со античката грчка цивилизација ќе треба да направи соодветни промени“ – оваа точка 40.2 отсто од анкетираните ја оценуваат позитивно, 29.9 отсто негативно.
„Врз основа на Договорот, соседната земја ќе влезе во НАТО и ќе започне пристапни преговори со ЕУ само во случај кога ќе заврши со уставната ревизија и договорот ќе се ратификува и од грчкиот парламент“ – оваа точка 33.6 отсто од анкетираните ја оценуваат позитивно, 33.7 отсто негативно.
„Врз основа на Договорот, ПЈРМ прифаќа дека термините Македонец и Македонија што ги користи, немаат никаква врска со историјата, цивилизацијата и културата на античка Грција“ – оваа точка 28.5 отсто од анкетираните ја оценуваат позитивно, 48.6 отсто негативно.
Над 7 од 10 анкетирани сметаат дека Грција можеше да постигне подобар договор (75.1 отсто), дека Договорот повеќе им служи на македонските интереси (73.3 отсто) дека е штетен за националните интереси на Грција (70.5 отсто) и дека во иднина ќе создаде сериозни проблеми (68.5 отсто).
При спроведувањето на истражувањето, од граѓаните било побарано да дадат оценка за позицијата на грчките политичари и од власта и од опозицијата, во однос на Договорот меѓу Македонија и Грција. Владата и премиерот, министрите за надворешни работи и одбрана, лидерите на Нова демократија, Движење за промена, Река, Комунистичката партија на Грција, на Сојуз на централисти и лидерот на Златна зора, сите добиле негативна оценка од анкетираните.
Владата на Грција и премиерот Алексис Ципрас – 15.4 отсто од граѓаните го оценува позитивно, 71.1 отсто негативно, начинот на кој управувале со прашањето
Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас – 14.4 отсто од Грците го оценува позитивно, 71.9 отсто негативно.
Лидерот на независни Грци и министер за одбрана, Панос Каменос: 9.4 отсто ја оценува позитивна неговата позиција, 70.8 отсто негативно.
Претседателот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис – 27 отсто го оценува позитивен, 49.9 отсто негативен неговиот став.
Речиси 6 од 10 испитаници (59.7 отсто) сметаат дека се позитивни преименувањата на аеродромот и автопатот кај нас.
На прашањето која земја ја сметате за реална закана за Грција и со можност да одберат најмалку две од понудените одговори: Турција, Албанија, Македонија и Бугарија, 15.4 отсто од испитаниците ја одбираат Македонија, со што нашата земја е на третото место. 87.9 отсто од испитаниците одговориле Турција, 33.5 отсто Албанија, а само 6 отсто Бугарија.