Јавното обвинителството ќе постапи ако надлежните институции достават известување или пријава за криминал во случајот за сопственоста на деловниот центар Соравија, но нема да постапи по допрен глас.
-Јавното обвинителство ги следи информациите. Доколку органите надлежни за откривање кривични дела и контрола на финансиските текови (Управата за финансиска полиција, Единицата за финансиски истраги при МВР, Управата за јавни приходи или др.) постапат и достават известување или пријава, Обвинителството ќе постапи во согласност со своите законски надлежности. Инструментот на допрен глас се користи доколку во конкретниот случај постојат сериозни индиции или наводи за сторен криминал или кога органите надлежни за откривање кривични дела не постапуваат во согласност со своите надлежности, велат од ЈО за Макфкас.
Претходно денес, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека Обвинителството ќе може да отвори истрага и да ги провери фактите за сопственоста на „Соравија“.
Внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, Дрин Ахмети, ќе стане втор по големина сопственик со удел од 39 отсто во деловниот центар. Мнозински сопственик со 51 отсто од акциите ќе биде Владимир Пјетерѓокај со албанската компанија Пе-Вла-Ку, а 10 проценти ќе има досегашниот сопственик Хано Соравија.
Одлуката Ахмети да биде косопственик на објектот предизвика реакции во јавноста.