РС Македонија, сега, денес во овој момент заслужува почеток на преговорите за членство во ЕУ, изјави денеска во Битола словенечкиот амбасадор во земјава Милан Јазбец.

Словенија на претстојниот самит на Европскиот совет ќе даде директна поддршка за почеток на преговорите за зачленување на Македонија во Унијата, а словенечкиот премиер Марјан Шарец тоа ќе го стори и следната седмица кога ќе престојува во земјава, најави амбасадорот Јазбец.

– Словенија е голем поддржувач на С. Македонија за почеток на преговорите со ЕУ и ние за две недели очекуваме зелено светло од Европскиот совет. Нашата поддршка уште еднаш како и многу пати досега ќе биде потврдена и следната седмица кога во официјална посета во Скопје ќе дојде словенечкиот премиер Шарец и тоа ќе биде средба во пресрет на Самитот. Ние уште еднаш ќе ја потврдиме словенечката поддршка, а на Самитот ќе пренесеме најсвежи информации и впечатоци за тоа колку во земјава е направено. РС Македонија, сега, денес, во овој момент заслужува почеток на преговори и тоа повеќе од кога било досега, изјави Јазбец.

Амбасадорот Јазбец во Битола учествува на меѓународен симпозиум, каде нагласи дека Словенија со овој град ја врзува голема историја и традиција што датира уште од 1913 година.