„По спроведување на истражна постапка, јавниот обвинител кој постапува во  предметот кој во јавноста е познат под називот „Пациент“, на 21 април 2020 година донесе и до осомничениот – поранешен министер достави Наредба за запирање на истражна постапка. Постапката  за ова лице е запрена бидејќи делото што му се става на товар не е кривично дело за кое се гони по службена должност.

Истражната постапка започна во октомври 2018 година во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите,  поради постоење на основано сомневање дека осомничениот сторил продолжено кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 5 во врска со став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.

Од прибавените материјални и вербални докази обвинителството утврди дека отсуствуваат објективните и субјективните обележја на кривичното дело, односно дека кај осомничениот не постои неизвршување на службената должност, ниту умисла за сторување на делото.

Имајќи ја предвид тендерската документација и бројните прилози кон понудите по огласите за јавна набавка, обвинителството врз основа на доказите прибрани во истрагата, утврди дека осомничениот постапувал во рамките на своите службени овластувања. Со прифаќањето на предлозите на Комисијата за јавни набавки за избор на најповолна понуда по двата огласи, кај осомничениот немало свест за делото, ниту волја за негово извршување.

Истражната постапка е завршена во март годинава. Во тек е доставување на известувања на другите осомничени, по што ќе бидат донесени јавнообвинителски одлуки.​“ – стои во соопштението од Обвинителството.