Обвинителството отвори истрага против поранешниот вицепремиер Артан Груби и против поранешниот директор на Државната лотарија, Перпарим Бајрами за проневери во службата. Биле извршени претреси во нивните домови. Истрага е отворена против уште четири лица кои биле претседател и членови на комисија за два одделни јавни повици.
Полициски екипи денеска извршиле претреси на девет локации во скопско и во кумановско поради сомнеж за сторен криминал во Државната лотарија.
Според неофицијалните информации, и Груби и Бајрами се во Косово. При извршените претреси, според информациите, е пронајдена е поголема сума на пари.
„Од прибраните докази произлегува основано сомнение дека двајцата соизвршители, како одговорни лица во АД Друштво за приредување игри на среќа „Државна лотарија“ на РСМ, во текот на 2023 година, преку вршење на своите посебни овластувања и должности, заедно учествувале во дејствија на извршување на штета на акционерското друштво со намера да прибават противправна имотна корист за друг која се проценува на значителен износ од 501.319.119 денари од буџетот на акционерското друштво“, соопшти Обвинителството.
Груби синоќа на Фејсбук напиша дека не е во бегство, туку во приватна посета во странство за што е известено и неговото полициско обезбедување.
„Веднаш што ги завршам обврските, ќе се вратам дома кај моето семејство“, напиша Груби.
Перпарим Бајрами не одговори на нашите пораки.
Обвинителството со помош на МВР и на Финансиска полиција отворила предмет со кој Артан Груби се сомничи за нелегално издавање на лиценци за интернет коцкање.