Скопското основното јавно обвинителство поднесе обвинение портив поранешна пратеничка во македонското Собрание која се товари за продолжено кривично дело измама.

Од обвинителството информираат дека станува збор за предметот во јавноста познат како „Друмарина“ за кој истражната постапка ја водеше СЈО.

Овој предмет се однесува на поранешната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, заради патните трошоци.

Поранешна пратеничка од Струмица е обвинета за продолжено кривично дело Измама во службата, случај во рамки на предметот „Друмарина“ што го водеше поранешното СЈО. Таа се товари дека од 2011 до 2015 година до службите во Собранието поднесувала лажни фискални сметки од патарини, како да остварила 904 патувања заради присуство на седници во наведениот период, со што го довела во заблуда овластеното лице во Собранието да изврши незаконита исплата на средства за патни трошоци во значителен вкупен износ од 6.458.551 денари.

-Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице за продолжено кривично дело – Измама во службата од член 355 став 3 во врска со став 1 и во врска со член 45 став 3 од Кривичниот законик. Станува збор за предметот во јавноста познат како „Друмарина“ за кој истражната постапка ја водеше Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, соопшти Јавното обвинителство.

Според ЈО, од почетокот на 2011 година обвинетата имала сместување – станови во Скопје и не патувала за присуство на секоја седница на Собранието, а лажните фискални сметки биле обезбедени од други лица кои патувале од Струмица и обратно.

Потоа обвинетата овие фискални сметки ги приложувала кон налозите за службени патувања.​​

На ова реагираше Бонева:

-Очигледно е дека Обвинителството воопшто не ги зело во предвид вештачењето и доказите што ги доставив, со кои се побива нивното обвинение. Борбата за вистината и правдата ќе ја водам до крај, ако треба и надвор од македонските институции, со цел оваа тортура и валкање на моите чест и углед да престанат! Уште од самиот почеток на овој театар наречен СЈО кажав дека ова е политички реваншизам и обид за јавно линчување на дел од поранешното раководство на ВМРО, со цел дискредитирање на Партијата и раздор во единството и сплотеноста на членството, до нејзино комплетно разнебитување, стои во Фејсбук статусот на Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа исто така потенцира дека доколку имало криминал од нејзина страна, досега ќе била осудена.

-Спротивно на законот 2.5 години ја влечеа истражната постапка и не успеаја да најдат апсолутно ништо незаконско и сега и покрај истекувањето на законскиот рок за поведување на постапка, тие продолжуваат!

Во деновите што следат, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ќе поднесам барање до обвинителството за тоа дали по допрен глас, пишување на медиуми или кривични пријави, имаат отворено постапки против пратеници од власта под исто обвинение, во која фаза се наоѓат тие и дали имаат поднесено обвинение против некој друг пратеник?, пишува Бонева.