Интересот на една голема и моќна сила како што е САД за евроинтеграциите во регионот не мора да биде нужно лошо, изјави денеска српската министерката за евроинтеграции Јадранка Јоксимовиќ.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Јоксимовиќ коментирајќи го зголемениот ангажман на САД во политиката на ЕУ, што можеше да се забележи во изјавата на специјалниот известувач на САД за Западен Балкан, Метју Палмер, кој кажа дека одложувањето на почетокот на преговорите на Македонија и Албанија со ЕУ е историска грешка и лоша порака за регионот, кажа дека е забележан ангажманот и реториката, но и присуството на американски официјални претставници во регионот.

Таа смета дека тоа не е неочекувано и дека не мора да биде лошо, иако може да се слушнат различни толкувања на одредени прашања во врска со специфичноста на европскиот пат на Србија.

„Но, кога станува збор за регионот, не мислам дека интересот на една голема и сè уште моќна суперсила, како што се САД, сигурно не може да им наштети на европските аспирации на сите во регионот и особено ова мислам дека има значење за Северна Македонија и Албанија, кои имаат и евроатлантска компонента, односно членството во НАТО како цел, кажа Јоксимовиќ, додавајќи дека од друга страна, Србија нема евроатлантски аспирации и дека нејзиниот процес на евроинтеграција е првенствено поврзан со полноправното членство во ЕУ.

-Сепак, САД несомнено ја признаваат Србија како најважна земја во регионот во однос на големината, економијата и сите други параметри, и во таа смисла секако мислам дека ќе има влијание ангажманот на САД за проширувањето на ЕУ, кажа српската министерка за евроинтеграции.

Според неа, во интерес на САД, е политиката на проширување, да не се лизне од шините.

Наведувајќи дека може да се чујат многу различни толкувања за тоа како ќе опстои политиката на проширување, ако воопшто опстане, Јоксимовиќ изјави: „Сигурна сум дека ќе опстане и мислам дека ангажманот на САД го покажува овој силен интерес да политиката на проширување, што би го опфатила регионот и оние земји кои имаат аспирации за полноправно членство, опстане “.